Македонија
24. March 2023 - 16:30

Ковачевски со повик до Бугарија да ги почитува пресудите од Стразбур

Бугарија да ги почитува правата на Македонците како што Македонија ги почитува правата на сите кои се определуваат различно од македонското население, побара премиерот Ковачевски. 

Ова доаѓа откако Стејт Департментот нотираше дека Софија продолжува да ја негира регистрацијата на етничко-македонските активистички групи во Бугарија.

-Постојат и пресуди на Судот за човекови права коишто Бугарија нема спроведено до денес и затоа јас ги повикувам бугарските власти, согласно одлуките на Судот, согласно европските правни норми за заштита на малцинските права, исто така и тие да постапат. Бидејќи, се работи за земја членка на Европската Унија и тие граѓани коишто се граѓани на Бугарија, а коишто се самоопределуваат како Македонци во исто време се и граѓани на ЕУ, рече премиерот Димитар Ковачевски. 

И додека во Софија главна политичка тема е бришењето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Централниот регистар, ниту еден медиум, функционер или политичар не проговори ништо за извештајот на американскиот Стејт Департмент.

Според извештајот, иако бугарските закони предвидуваат право на слобода на здружување, Софија не го почитува бидејќи не дозволува регистрација на „Обединета македонска организација – Илинден“, како и на „Друштвото на репресирани Македонци – жртви на комунистичкиот терор“. 

Бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола беше избришан од Централниот регистар откако заврши тримесечниот период за пререгистрација, согласно последните законски измени со кои се забрани работа на здруженија и политички партии кои носат имиња и симболи кои поттикнуваат нетолеранција, омраза, фашистичка идеологија, нацизам...

Интересно е што и покрај сите реакции од Софија, во Охрид, каде функционира клубот „Цар Бори Трети“ никој не се пријавил да гласа на изборите во Бугарија.