Македонија
19. May 2022 - 14:02

Ковачевски: Се прават анализи кои антикризни мерки ќе продолжат по 31 мај

Премиерот Димитар Ковачевски денеска соопшти дека ресорните министерства интензивно прават анализи кои антикризни мерки да продолжат и по 31 мај. Некои од предлозите на експертите, рече, се прифатливи, а други, не само што не се прифатливи, туку се и неодржливи.

Ковачевски е убеден дека сите мерки донесени досега обезбедија најниски цени на енергенсите и на прехранбените производи во однос на регионот, како и дека обезбедија заштита на животниот стандард на најранливите категории граѓани, пензионерите и работниците со минимална плата.

-Владата будно ги следи сите состојби на домашниот и особено на светските пазари, бидејќи она што го имаме во моментот е инфлација која што е увезена и која е предизвикана исклучиво од порастот на цените на енергенсите и на цените на основните прехранбени производи и цените на суровините на светските берзи. Затоа имаме зголемување и на цените во земјава, како и инфлација што кај нас е на ниво на инфлацијата во САД и најголемиот дел од европските држави. Во моментов правиме анализи и во Министерството за финанси и во Министерството за економија кои мерки ќе продолжат, кои мерки нема да продолжат, бидејќи кога се зборува за мерки прво тие секогаш имаат две страни. Едната страна е заштита на животниот стандард на граѓаните, меѓутоа втората е и задржување на ликвидноста на компаниите, рече Ковачевски.

Во однос на предлозите од економистите, премиерот објасни зошто некои од нив се прифатливи, а некои не.

-Гледате дека од различни економисти има различни предлози, а некои од нив за мене се прифатливи. Меѓутоа, некои од предлозите се не само неприфатливи, туку и неодржливи, како на пример, замрзнување на цените како што предлагаат некои економисти кои се од наше, македонско потекло меѓутоа кои во моментов работат во странство. Тој пристап може да се примени во одредени држави само таму каде што целиот ланец на набавки се наоѓа во државата. Но, кога се работи за држава како нашата која е мала, отворена економија и каде најголемиот дел од суровините од кои се произведуваат финални производи, се увезени и чија цена зависи од цената на светските берзи, тогаш доколку се воведе таква мерка може да доведе до сериозни ликвидносни проблеми на компаниите – број еден и број два – до недостатоци на пазарот, истакна Ковачевски.

Тој најави дека и во иднина Владата многу посветено и низ емпириски анализи на она што се случува во државата и надвор, ќе носи, како што рече, правилни мерки кои позитивно ќе бидат оценети од релевантните меѓународни институции.