Ковачевски одби да ја прокоментира одбраната на Заев за Анѓушев, кој САД го прогласија за „персона нон грата“
Премиерот одби да го прокоментира ставот на експретседателот на Владата, Зоран Заев, кој преку писмен допис застана во одбрана на Кочо Анѓушев, кој е последниот прогласен за „персона нон грата“ од амбасадата на САД.
„САД се наш стратешки партнер и тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури коишто се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам, ниту пак имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни. Така да, не би можел да давам дополнителни коментари“, одговори Ковачевски.
Запрашан за тоа дали стравува дека некој од партијата на СДСМ е следен на црната листа на САД, Ковачевски кажа дека не би шпекулирал за процес, во кој Владата не била вклучена.
„Не би можел да шпекулирам или коментирам за процес во којшто Владата на ниту еден начин не е вклучена. Така да, тоа е прашање кое мора да го упатите до оние коишто водат такви процеси, а овде се работи за САД. Меѓутоа Владата во ниту еден момент не е контактирана, во однос на ова прашање“, изјави Ковачевски.
На 5. декември, американската црна листа се „збогати“ со името на Кочо Анѓушев, поради вмешаност во значителна корупција. За неподобни во САД беа прогласија неговата сопруга Елизабета и неговите деца Ангел и Огнен.
Тогаш се огласи и амбасадорката Агелер, која најави дека листата ќе се проширува, а епидемијата од корупција во земјава, мора да биде спречена.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар