Македонија
18. May 2022 - 16:32

Ковачевски: Нема договор и нема отстапки, Бугарија да се однесува европски

Нема договор со Софија, нема ниту отстапки од Скопје. Премиерот Ковачевски потврдува - решавањето на спорот со Бугарија не е на повидок. Дијалог постои, процесот не е затворен, но бараме достоинствено решение прифатливо за двете страни, истакна шефот на македонската влада.

Ковачевски уверува дека Македонија не е подготвена на решение кое отстапува од Декларацијата која ја договорија политичките партии во Собранието.

„Јас уште еднаш ќе повторам, никакви отстапки, со оглед на тоа дека решението и разговорите треба да се заснова на европски вредности, меѓусебно почитување помеѓу политичарите, институциите и граѓаните на државата. Меѓутоа, во овој момент не постои документ кој е заеднички прифатлив за двете страни и кој претставува основа за решение”, рече Ковачевски.

Иако не постои финален, се преговара по разни документи кои досега циркулираат во министертвата од двете земји. Но нема поместување кон договор, потврдува и министерот Османи.

Вели дека моментално постои конкретен предлог, за кој нема усогласеност од бугарската страна.

„Mислам дека има добар предлог на маса кој е компромисен меѓу нивното барање тоа да се заврши пред и нашето барање да биде пред самото членство и мислам дека предлогот што е на маса е добро решение. Мислам дека и во Република Бугарија се свесни за тоа, повеќе мислам дека е прашањето на не консолидирање на ставот таму за да може да се комуницира до нашето МНР”, рече Османи.

Коментирајќи ја изјавата на потпретседателот на Европската Комисија Борел, кој наведе дека доколку Македонија и Албанија не ги почнат преговорите во јуни, регионот би можел да влезе во криза, Османи оценува дека станува збор за кредибилитетот на ЕУ, поткрепувајќи го ова со податокот дека само 9% од граѓаните сметаат дека Унијата може да стои на дадениот збор.