Македонија
25. October 2022 - 16:41

Ковачевски нема да оди на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград

Премиерот ја одби поканата од организаторите и нема да присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград.

Ќе бидам во Скопје, вели Ковачевски, но сепак, ги повика сите оние кои имаат можност в недела да бидат во бугарскиот град, бидејќи како што рече, отворањето културни клубови е начин на кој се зближуваат граѓаните, но и државите.

Иницијативата за постоење на клуб “Никола Вапцаров” е на македонска организација од дијаспората, но Ковачевски најави и владина активност за отворање на македонски центар во Благоевград.

“Во недела јас ќе бидам во Скопје, меѓутоа во Министерството за култура и во Владата веќе ја подготвуваме документацијата за отворање македонски културен центар во Благоевград и тоа барање ќе биде испратено до бугарската Влада...”

А покрај до Ковачевски, покана за присуство е испратена и до македонската амбасада во Софија. Организаторите чекаат одговор од новата амбадасорка Агнеса Руси Поповска, која денеска беше на прием во бугарското МНР по повод именувањето на функцијата.

Министерот Милков го поздравил отворањето на културните центри во двете земји, но се пожалил на последните случувања во билатералните односи, конкретно поврзани со правата на Бугарите во Македонија.

“Двете страни се обединија околу мислењето дека од заеднички интерес е да се фокусираат повеќе напори за надминување на влијанието на негативните манифестации и повторно активирање на позитивната динамика во билатералните односи”, се вели во соопштението од бугарското МНР.

Француски предлог, договорот за добрососедство и билатералните протоколи го поставија механизмот за решавање на постојните прашања, а следен чекор, посочил Милков, се конкретните резултати.