Македонија
16. February 2023 - 11:58

Ковачевски: Министерката за култура на транспарентен начин ги објави резултатите од конкурсот, секој има право на жалба

Министерката за култура на многу транспарентен начин ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти од јавен и национален интерес. Евалуацијата, рангирањето и селекција на проектите кои ќе бидат финансирани го прави стручна Комисија која е составено токму од луѓе од фелата. Секој кој не е задоволен има право на жалба, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот посочи дека го цени трудот на секој уметник, но одговорот е кај Комисијата која го носи одлуките.

-Знам дека секој ументик го цени својот труд. И јас го ценам трудот на сите уметници, но сепак одговорот е кај Комисијата која одлучува и кај второстепената Комисија која одлучува по жалбите и се надевам дека на крајот сите ќе бидат уверени во одлуките кои ги носела Комисијата за доделување на средствата за поддршка на културните настани и проекти за оваа година, рече Ковачевски на прес-конференција за време на отворањето на детската градинка „Сонце“ во Волково, во одговор на новинарско прашање.