Македонија
7. December 2023 - 20:11

Ковачевски: Јас ќе формирам Влада, а нашиот кандидат за претседател ќе победи на изборите

Претседател на државата ќе биде личноста предложена од СДСМ и коалицијата, а јас повторно ќе формирам Влада по изборите, тврди Димитар Ковачевски. Убеден е дека со европскиот фронт со кој ќе настапат на 8 мај, а во кој ги повикуваат сите партии и невладини кои ја сакаат земјата како членка на ЕУ, ќе ја добијат довербата на граѓаните.

Оливер Спасовски, Стево Пендаровски или некој трет Ковачевски не откри, но вели во партијата почнале процедурите за избор на претседателски кандидат.

- Тоа ќе биде кандидат кој ќе се грижи за стратешките цели на државата, претседател на сите граѓани, кој ќе се грижи за остварување на визијата за просперитетна Македонија и ќе стане земја членка на ЕУ, вели Димитар Ковачевски, премиер.

Ковачевски вели дека со раководството на ДУИ се уште не разговарале за технички премиер, но ќе ги почитуваат сите законски процедури.

- Законот е многу јасен, на 100 дена пред изборите премиерот поднесува оставка со цел да биде избрана техничка влада. Јас ќе го почитувам законот, тоа го соопштив и на лидерската средба. Секако претходно ќе биде упатено барање до најголемата опозициска партија за утврдување на позициите, а секако и СДСМ за останатите места согласно законот за Влада, вели Ковачевски.

Освен внатрепартиските процедури во СДСМ, и Извршниот на ВМРО-ДПМНЕ пред некој ден одлучи да има Републички изборен штаб, а на Изборна конвенција во март ќе го промовираат кандидатот за претседател.

Како и самоувереноста на Ковачевски, и од најголемата опозициска партија со став дека на изборите ќе остварат историски голема победа по што ќе почнат промените во државата.  

Инаку претседателските и парламентарни избори се закажани на 24 април и осми мај наредната година.