Македонија
31. August 2023 - 16:35

Ковачевски: Изјавите на Мишел и Макрон се за паралелен процес - ВМРО-ДПМНЕ: Пораките се дека треба реформи, а не уставни измени

Изјавите на Мишел и Макрон, за премиерот Ковачевски се јасен сигнал дека вратите на Европската унија остануваат отворени за Македонија. 2030 е годината до кога ќе се водат двата парелелни процеси за кои зборувале Претседателот на Европскиот совет и францускиот претседател. Според премиерот, неопходно било Унијата да има нов план за работа со поголем број земји членки, а како што вели Ковачевски, зачленувањето зависи од брзината и начинот на реформите кои ги спроведуваат земјите кандидати.

„Ние во моментов имаме отворен скрининг, имаме извештај за првиот кластер, на 15 семптеври веќе продолжува скринингот, чаптерот за енергетика и јас ќе присуствувам тие денови во Брисел. Ние исто така имаме според преговарачката рамка и да спроведеме уставни измени, така што денеска, од нас зависи колку брзо и на каков начин ќе пристапиме во ЕУ. Јас ја предводам европската коалиција која вели дека до 2030 год Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе стане членка на ЕУ, од друга страна, имаме антиевропска, изолационалистичка коалиција која вели дека сака изолација, сака да чека 10,20, 30 години , меѓутоа, не нудат никаква друга алтернатива. Затоа сега велам дека од нас зависи бидејќи позитивниот сигнал од ЕУ е тука, 2030 год“, изјави Димитар Ковачевски, Премиер.

Ваквото појаснување на Ковачевски, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ е замајување на јавноста. Пораките на европските челници, се дека требаат реформи, а не уставни измени, велат од партијата.

„Попусти се обидите на Ковачевски да ја замајува јавноста, претседателот на Франција, Макрон, јасно порача дека се потребни реформи, а не празни флоскули. Пораките се дека треба реформи, а не уставни измени, кои и така нема да се случат, зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува. Оваа влада на чело со Ковачевски која тоне во криминал, дава тендери на партиски донатори, потпишува договори во 4 очи, не може да расчисти убиство во центарот на Скопје, не може да обезбеди учебници, не може да набави лекови за болните од ретки болести, влада која буквално не може да направи ништо не е влада која може да ја носи Македонија во ЕУ“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали е можна нова лидерска со Мицкоски, премиерот вели, таа може да се случи во секое време, доколку има нешто ново во однос на евроинтеграциите.