Македонија
7. February 2023 - 16:33

Ковачевски и Таравари очекуваат позитивен исход, огнените ја ситнат пратеничката група на ДУИ

Има добар прогрес во разговорите со Алијанса на Албанците и во програмскио дел, но и за ресорите, тврди премиерот Ковачевски за тоа до каде се преговорите со тимот на Таравари за проширување на владината коалиција. Ковачевски потврди паралелно се водат разговори и со Алтернатива за да го задржи своето место во Владата.

Претходно и Таравари потврди дека разговорите финишираат, но вели некоректно е да открие кои ресори ги добиле.

„Се надевам дека денеска или утре конечно ќе ги завршиме прегорите за евентуалниот влез во Владата и тоа официјално ќе го објавиме.. Сè ќе биде појасно до утре, но ќе почекаме на консултациите кои се во тек помеѓу работните групи на партиите од владиното мнозинство“, вели Таравари.

Сепак, веќе е извесно дека партијата добива министри за здравство и правда и уште еден дополнителен ресор зависно од размените меѓу СДСМ и ДУИ, како и десетина клучни директорски места. 

И додека Ковачевски се обидува да ја придобие Алијанса на Албанците со 8 пратеници, постојното кревко мнозинство се ситни. Опасноста не доаѓа само од Алтернатива на Гаши која незадоволна од новиот дел во владиниот колач се заканува дека ќе ја напушти власта, туку и од Огнените во ДУИ. 

Од 4 пратеника, потпретседателот на БЕСА – Фатмир Лимани, инаку внук на Ахмети, тврди дека ова група веќе брои шестмина народни избраника.

„Нема двајца… Кастриот Реџепи, Зејди, Коџаџику, Изет. Има уште двајца пратеници кои не излегуваат, не се појавуваат. Ги знаеме, но нема да бидат дел од разговорот вечерва и не е коректно да ги спомнуваме“.

Иако не откриваат детали од Огнената група на Меџити потврдија дека има придвижување во овој правец. Меџити пред два дена на Фејсбук на средбите со членството објави дека е спремна и петицијата против Артан Груби, како кандидат на интегративците од кој најмалку се задоволни.