Македонија
27. May 2023 - 16:29

Ковачевски и Мицкоски на лидерска средба ќе се договараат за уставните измени и односите со соседите

Уставните измени може да ги седнат на маса Ковачевски и Мицкоски.

Премиерот најави дека во следните 10 дена ќе го покани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средба на која покрај за измени на Уставот, ќе се разговара и за усогласување на ставовите за односите со сите соседни земји.

Барањето на опозицијата за оставка ако уставните измени не поминат, Ковачевски вели дека нема да се случи, бидејќи овој процес е за сите граѓани, а не само за еден човек

Единствен којшто кажал дека ќе си даде оставка во оваа држава е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ којшто кажа дека ако еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ гласа дека ќе си даде оставка, па потоа кажа да му дадат нотарски заверки дека нема да гласаат. Потоа кажа дека ќе гласа ако било храватскиот модел за да после тоа каже дека нема да гласа по ниедна цена. Така што, тој прво мора да си ги среди своите ставови. Јас планирам и да го поканам во текот на наредните 10 дена на средба на која што ќе разговараме за две теми. Првата тема ќе биде коишто јас ќе ги предложам како теми, првата тема ќе биде како домаќин, нормално како претседател на Влада, носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и второ, усогласување на ставови за односи со сите соседни држави на Република Северна Македонија, рече Ковачевски

За Мицкоски лидерска средба е прифатлива само ако се разговара за државните интереси и што по неуспехот за промена на Уставот.

Кога станува збор за националните и државни интереси на Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е подготвен да разговара во било кое време. Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба меѓудругото да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставни измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди, се вели во ставот на ВМРО-ДПМНЕ

Предлог иницијативата на работната група, покрај Бугарите во Уставот да влезат и хрватите, црногорците, словенците, евреите и египѓаните, следната недела ќе се најде на владина седница, по што ќе биде истратена и до Собранието.

Во првата фаза пратениците ќе треба да гласаат за потребата од отворање на Уставот, за што ќе биде потребна поддршка од 80 пратеници, кои власта во моментов ги нема.