Костадиновски: Нервозата кај политиката покажува дека Судот си ја врши работата

Кога политиката сака послушен суд, тогаш има проблем со Уставот, а не со судиите - оценува претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, нагласувајќи дека токму „послушноста“ во минатото довела до „разнишана правна држава и недоверба кај граѓаните“, додека денешната „нервоза“ кај политичките структури е показател дека Судот излегол од компромисноста и си ја врши работата.
Во интервју за „Нова Македонија“ Костадиновски се осврнува на улогата и предизвиците на Уставниот суд во изминатите 62 години, оценувајќи дека институцијата не ги оправдала целосно очекувањата. Тој посочува дека имало периоди кога Судот бил „прекумерно компромисен со политиката“, па дури и „наликувал на подрачна единица на Владата“, но и периоди на вистинска независност.
- Одговорот на прашањето дали Уставниот суд успеал да ги оправда очекувањата е едноставен. Одговорот е не или, во најмала мера, не ги оправдал целосно очекувањата. За да се тврди тоа компаратор е состојбата со владеењето на правото и правната држава, како и историски најниската доверба на граѓаните во целокупниот државен апарат. Токму затоа од првиот ден како претседател на Судот преземам мерки и активности за нештата да бидат суштински променети - вели тој.
Според него, во последните две години се забележува промена - Судот е поактивен и поприсутен во јавноста, што, како што вели, создава „нервоза кај политиката и кај некои државни органи“.
- Тоа значи само едно, дека Судот излегол од летаргијата и дека добро си ја врши работата - истакнува Костадиновски.
Говорејќи за притисоците, Костадиновски потврдува дека тие постојат, но ги поврзува со „уставноправна и политичка некултура“.
Во однос на дезинформациите, најавува нова платформа „Дознај факти од Уставен суд“ за борба против лажните вести.
- Јавноста се манипулира со дезинформации, манипулации, ако сакате наречете ги и опасни лажни наративи, па тргнувајќи од сериозните последици што може да ги нанесат во јавниот дискурс Судот веќе наредната недела ќе пушти нов проект што ќе биде насочен токму против тие лажни вести. Ќе промовираме една нова комуникациска платформа „Дознај факти од Уставен суд“ преку која граѓаните ќе читаат точни, јасни и официјални информации. Сметам дека ќе биде од голема помош за сите да ги препознаат тие лажни вести и да знаат дека треба да се верува само на она што е институционално испратено до јавноста - посочува тој.
На прашањето дали кај нас постои дипотрија на носењето судска правда, Костадиновски потенцира дека одлуките на Судот мора да се темелат исклучиво на Уставот и правните аргументи.
Во врска со Законот за употреба на јазиците, тој вели дека одложувањето е резултат на „неверојатен сплет на околности“, но и признава дека постои впечаток за политичко влијание преку неизбор на судии.
- Според мене, најсимптоматично е неизбирањето на судии и држењето на Судот со минимален број, при што е невозможно постапувањето во вакви околности. Но, јас сум човек од збор, по комплетирањето на Судот, тој предмет ќе биде решен. И пак ќе повторам, свесен сум дека ќе продолжат политичките хајки против мене, затоа на граѓаните сакам да им биде јасно, Уставниот суд може само да помогне кој било закон, вклучувајќи го и Законот за употреба на јазиците, да биде појасен, попрецизен, полесно применлив и, секако, усогласен со Уставот. Тешка лага и манипулација е дека Уставниот суд ќе го поништел или ќе го укинел албанскиот јазик. Не, тоа не е вистина - вели тој.
Посочува и дека зголемениот број предмети е резултат на „судскиот активизам, зголемената транспарентност и храбрите одлуки“, при што граѓаните сè повеќе го препознаваат Судот како „последна надеж“. Само во првата половина од годината, како што вели, веќе има околу 200 предмети.
Во однос на ниската доверба во правосудството, Костадиновски смета дека станува збор за системски проблем создаван со децении
- Повеќепати сум истакнал, недовербата на граѓаните не е само во правосудниот систем туку во целокупниот државен апарат. Причините за тоа се провлекуваат со децении. Клучниот проблем, според мене, е децениската предоминација на извршната власт врз сите други власти, што доведува до партизација на системот, слаби институции што зависат од еден центар, и резултатот е тој што го имаме - посочува Костадиновски.
Зборувајќи за можноста за етнички принципи во одлучувањето, категорично вели дека „одлуките ги обликуваат правните, а не политичките или етничките аргументи“. За таканаречениот Бадентер, оценува дека е „алатка за политичките органи, а не за Уставниот суд“.
Костадиновски вели дека изборот на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права бил спроведен транспарентно, без забелешки за постапката, но дека конечната одлука е во рацете на Советодавниот панел при Советот на Европа, врз кој државата нема влијание. - Сѐ останува во рацете на Советодавниот панел на експерти… и тука ние не можеме да влијаеме - истакнува тој.
Интервјуто го заокружува со став дека институцијата мора континуирано да се унапредува, и покрај ограничените ресурси.
- И во услови на ограничен буџет, Судот настојува да ја унапредува функционалноста, транспарентноста и ефикасноста - посочува Костадиновски, нагласувајќи дека довербата на граѓаните останува клучна цел.
МИА
Ново на Сител
-

Путин се сомнева дека дронот што се урна во Романија бил руски и предложи Москва да спроведе експертиза на остатоците
-

Трамп: Наскоро конечна одлука за договорот со Иран
-

Захарова ѝ се закани на Романија со „соодветни мерки“ поради одлуката за затворање на рускиот генерален конзулат
-

Романија го затвора рускиот конзулат и го протерува конзулот
-

Утре сончево, од недела услови за пороен дожд и грмежи
-

Министерство за правда: Постапката за екстрадиција на Груевски продолжува
-

Приведени две лица во тетовско по пријава за сексуално насилство врз малолетничка
-

Кривична пријава за узурпација на државно земјиште во Крива Паланка
