Македонија
22. March 2021 - 14:36

Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно и неодговорно во Собранието

Пратеникот на СДСМ Коста Костадинов денеска на прес-конференција ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за деструктивно и неодговорно однесување во Собранието, но исто така дека оваа опозициска партија со Левица во договор со пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива кочат важни процеси во Парламентот.

-ВМРО-ДПМНЕ безобразно ја злоупотребува ситуацијата со пратеници заболени од ковид и со пратеници кои се изолација, за да ги кочи сите важни процеси и закони за граѓаните, рече Костадинов, кој потсети дека опозицијата се противеше на предлогот за работа на далечина.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, не влегуваат во салата и не работат за граѓаните што ги гласале.

-До каде оди нивната деструктивност зборува и фактот што денеска од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ја блокираат и утрешната седница на која се и барањата за интерпелација поднесени токму од ВМРО-ДПМНЕ, како и Информација во врска со актуелните состојби во здравството, исто така поднесена токму од ВМРО-ДПМНЕ, рече Костадинов.

Пратеникот од владејачкото мнозинство беше дециден дека со или без ВМРО-ДПМНЕ, реформскиот процес ќе продолжи, но, како што рече, ќе продолжат и поразите на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

Апелираше до колегите од опозицијата да си ја работат својата работа.

Костадинов рече дека се согласува со се она што на прес-конференција го кажа претседателот на Собранието Талат Џафери и повика на разум.   -Апсолутно ќе се согласам со се што кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери во однос на процедурите и во однос на деловничките обврски коишто ги има како претседател на важна институција, рече тој.

Пратеникот обвини исто така дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат и работата на собраниските комисии.

-И не е проблем само функционирањето во рамките на пленарните седници. Што правиме во комисиите што согласно методологијата ги водат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и како претседатели на комисии, но и како заменици, а таква е Комисијата за финансирање и буџет.  Зошто се кочат закони како што се на пример законот за заем за модернизација на земјоделието. Како тие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ коишто доаѓаат од Ресен, од Струмица или од тие региони ќе се оправдаат пред граѓаните дека кочат закон со којшто се предвидува изградба на регионални откупни пунктови коишто се важни за луѓето коишто се занимаваат со земјоделие во тие региони. И тоа го прават за време на пандемија, рече Костадинов.

Зборуваше и за блокадата на Законот за државјанства, поднесен од АА и Алтернатива.

-ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесуваат амандмани на законот за државјанство, и за таа цел Алијанса се договараат и Алтернатива да кочат се што е во Собранието важно за граѓаните. Ова не алудира на ништо друго освен договор помеѓу опозициските партии, овде мислам и на ВМРО-ДПМНЕ, и на Левица и на Алијанса за кочење на важни процеси во Собранието што е срамно, жално и погубно за нив. Сметам дека е редно време да се издигнеме над партиските интереси, да се ставиме во функција на граѓаните, во функција на оние коишто седат овде и земаат плата, рече Костадинов.

Пратеникот, кој е и портпарол на СДСМ ги отфрли тврдењата дека на вчерашните први внатрепартиски избори за претседател во партијата се гласало во училишта и после полициски час.

-Не ме чудат лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ. Апсолутно согласно сите здравствени протоколи, првите внатрепартиски избори во СДСМ се одржаа беспрекорно. Не беше прекршена ниту една здравствена мерка, а уште помалку дека тоа се случувало во училишта, рече Костадинов потенцирајќи дека гласањето се вршело во простории на СДСМ во урбани заедници.