Бизнис
17. July 2018 - 21:18

Косовската влада сеуште одлучува дали и за македонските земјоделски производи ќе се плаќа повисока царина

Неизвесно е дали од утре македонските земјоделски култури ќе се извезуваат на Косово со 30% повисоки царини од досегашните. Косовското министерство за трговија и индустрија ја најави оваа привремена мерка за увоз на овошје и зеленчук од други земји со цел да го заштити домашното производство. Но, овој предлог сèуште е предмет на расправа на седницата на косовската влада.

Надлежните од земјава информираат дека испратиле допис до колегите во Косово, но до сега не добиле никаков одговор. Во меѓувреме косовското Здружение на трговци со овошје и зеленчук смета дека таквата одлука е дискриминирачка и неправедна.

И домашните земјоделци велат дека ако се прифати овој предлог, тоа би било на штета на двете земји.

Деновиве од косовското министерство за трговија и индустрија најавија дека почнувајќи од утре ќе воведат 30% повисоки царини за вкупно 21 земјоделска култура. Ќе се царини овошјето и зеленчукот што кај нив се увезува од која било земја.
Трговската размена што Македонија ја реализирала лани со Косово изнесува околу 230 милиони евра.