Косовската полиција го ослободи Лирим Јакупи-Нацист
Основниот суд во косовскиот град Гњилане го ослободи Лирим Јакупи Нацист кој се товареше за вооружен напад врз македонската полиција во Скопје и во Тетово во 2004 и 2014 година.
Според косовскиот суд, обвинителството не успеало да докаже дека Јакупи е виновен за нападот врз македонската полиција а за обвинението за незаконско поседување на оружје, судијата Азис Шаќири оценил дека е застарено.
Јакупи кој бил дел од силите на ОВК во конфликтот во 2001, беше обвинет дека на 15 септември во 2014 година заедно со уште едно лице пукал врз тројца униформирани полицајци додека патролирале во полициско возило при што им нанел тешки повреди.
Тој беше и дел од групата во тетовското село Бродец која полицијата во ноември 2007 година ја разби во акцијата Планинска Бура. Полицијата елиминираше поголем дел од групата но Јакупи успеал да побегне на Косово.
Македонскиот суд во јуни 2008 година го осуди Јакупи на 15 години затвор за организирање на терористичка група и нелегално поседување на оружје но тој останува недостапен за македонските закони криејќи се на Косово.
Територијата на Косово и натаму останува најсигурно прибежиште за лицата кои ги бара македонската полиција. Токму кај нашиот северен сосед се наоѓаат и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се товарат за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Иако се уапсени пред повеќе од 4 години, Косово одбива да ги екстрадира во Македонија иако се осудени на доживотни затворски казни.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар