Балкан
15. August 2019 - 18:50

Косово: Кривични пријави за 22 полицајци заради протерувањето на ѓуленистите во 2018 година

Косовското Специјално обвинителство потврди денеска дека примило кривични пријави од страна на Полицискиот инспекторат на Косово за 22 полициски службеници во врска  со протерувањето, пред повеќе од една година, на шест државјани на Турција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението за медиуми на косовското обвинителство, и пред покренувањето на кривичните пријави за припадниците на полицијата, во врска со случајот се повикани на распит и други лица за кои постојат индиции дека се поврзани со случајот.

Станува збор за случајот од март 2018 година, познат како „случај ѓуленисти“, во кој шестмина турски државјани, наставен кадар во турски колеџи во Косово, беа депортирани во Турција на барање на властите во Анкара, кои ги сомничат дека се припадници на илегалното „движење ФАТО“. Ова движење, за кое Анкара тврди дека е предводено од верскиот лидер во егзил Фетулах Ѓулен, според турските власти, го организира неуспешниот државен удар во јули 2016 година.

На протерувањето од Косово на наводните ѓуленисти остро реагираа повеќе западни држави, како и голем дел од косовската јавност, а и премиерот Рамуш Харадинај изјави дека немал информации за подготвувањето и извршувањето на операцијата и побара одговорност од организаторите.

Како главен организатор, односно налогодавач на протерувањето, извршено крајно дискретно од страна на косовските служби, во соработка со турските тајни служби, во медимите се споменува косовскиот претседател Хашим Тачи, кому неговиот турски колега Ердоган му изрази јавна благодарност за „кооперативноста“. Истовремено, на Харадинај, кој изрази загриженост поради протерувањата, Ердоган му порача дека „лидерите како него ќе ги смени народот“.

Во јуни минатата година Собранието на Косово основа Истражна комисија за расветлување на случајот, но за сега се уште нема никакви конкретни резултати од истрагата.