Македонија
21. October 2018 - 16:23

Кошаркар на Пелистер два пати неделно тренира деца со посебни потреби

Секој вторник и четврток попладне во салата на училиштето „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола одекнува џагор и смеа. Тогаш, десетина деца со посебни потреби од Битола заедно со нивните родители тренираат заедно со кошаркарот на Пелистер, Мико Голубовиќ од Србија. Дел од децата тука за прв пат доаѓаат во контакт со топка.

Идејата се родила пред три години на родител, а тој со задоволство прифатил да одвои дел од слободно време за овие деца. Целта му е да им помогне и на децата и на родителите да бидат среќни, но и да бидат физички активни.

-Родителите велат дека е добро, подобро им е отколку нон стоп да се дома или на улица, јас ги носам и своите деца тука. Тука имаат допир и со други деца, се дружиме овде, како семејство. Се обидуваме да најдеме и спонзори кои ќе ни обезбедат патики, тренерки, топки, за Нова година подароци. Мене ме прашаа, изгледа никој не сакал да го прави ова, јас прифатив со големо задоволство. Ова го правам волонтерски, без примања, одвојувам време за да бидам со нив. Овој цел проект е од општина, рекоа можно е да има плата, но мене не ми е битно дали е платено или не, вели Мико Голубовиќ, кошаркар на КК Пелистер.

Јасмина Јановска, дефектолог во училиштето „Ѓорѓи Сугарев“, вели дека оваа активност влијае позитивно и кај децата, но и кај родителите.

-За децата не може да се опише, тоа е нешто неверојатно пријатно друштво, радост, среќа, а најмногу има успех во психифизичкиот развој, социјализација за децата. Немаме зборови колку ова позитивно влијае и кај децата и кај родителите зашто и тие директно се вклучени во овие физички активности заедно со децата, рече Јасмина Јановска, придружник на дете со аутистичен спектар на нарушување.

Иницијативата за спортски активности на децата со посебни потреби беше активна од пред 3 години, но имаа пауза од една година, за од почетокот на октомври оваа година повторно да продолжат.