Македонија
17. March 2021 - 16:39

Корупција во јавните набавки - Има ли излез?

Јавните набавки се извор на корупција. Еден куп слабости се детектирани во трошењата на  јавните претпријатија. Се реализираат набавки по цени кои се значително повисоки од пазарните. Договорите  се склучуваат без претходно објавен оглас и најчесто со еден понудувач. Тендерите се поништуваат многу често.  Податоците на истражувањето кое го спроведе Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека во јавните претпријатија не се работи врз превенирање и сузбивање  на корупцијата.

-70 % од нив никогаш не направиле проценка на ризици од корупција во јавните набавки. Раководствата на овие претпријатија во изминатите 3 години не поднеле ниту една иницијатива за поведување кривична постапка поради сомнеж за корупција во јавните набавки, а не е поведена ниту една дисциплинка постапка за вработен во однос на проблеми констатирани во спроведување на набавките, истакна Сабина Факиќ од ЦГК.

Отстранувањето на корупцијата во јавните набавки е една од клучните реформи кои земјава треба да ги спроведе во преговорите за членство во ЕУ, истакна холандскиот амабасадор во земјава. 

„Владата презема голем дел од 17 препораки за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување во Акцискиот план за борба против корупција. Потребно е да развие механизам за воспоставување на интегритет и контрола,“ рече Јан Коп.

Од Антикорупциска велат дека поради човечкиот фактор во постапките огромен е потенцијалот за корупција. Од Бирото за јавни набавки пак посочија дека електронската аукција не ги дала очекуваните резултати.

Во земјава има 145 јавни претпријатија и акционерски друштва основани од Владата и општините. Вкупната вредност на договорите за јавни набавки кои тие ги склучуваат е околу 300 милиони евра или една третина од сите јавни набавки во земјава.