Бизнис
5. March 2021 - 16:33

Короната избриша 20.000 работни места

Короната стопи над 20.000 работни места во 2020 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, заклучно со декември во земјава имало 789.552 вработени. Во март лани кога почна затворањето на економијата бројот на лицата кои оделе на работа изнесувал 811.106 лица. Трендот не запира и во јануари годинава. Според статистичарите, бројот на работниците во индустријата на стартот на годината се намалил за 3,7%.

Оптимизам за следниот период нема ни кај работодавачите. Пазарите во Западна Европа се затворени што значи дека се намалуваат нарачките и кај нас. Во следниот период најмногу се очекува ова негативно да се одрази кај извозните компании, посебно во зоните. Продажбите на нови автомобили во Велика Британија во февруари се најниски во последните 60 години, а состојбата не е подобра и во другите земји. Ова ја отвора можноста за принудни одмори во странските комапнии во земјава. 

И опозицијата смета дека состојбата на пазарот на труд е лоша. Приходите и од персонален данок во првите два месеци од оваа година се паднати за 6% што е доказ за тоа, велат од ВМРО ДПМНЕ и додаваат дека државата не прави ништо за стабилизирање на состојбата, а долгот на државата постојано расте.

„Не е помината ни една година од првото затворање на економијата и прогласување на пандемијата, а Македонија е задолжена за над 1 милијарда и 150 милиони евра нов нето долг. Или едно четиричлено семејство има нов долг само за една година од околу 2,400 евра плус камати. Повторувам 2,400 евра плус камати ќе врати едно четиричлено семејство за една година. Секој може да пресмета и да процени колку доби во изминатава година, а колку ќе треба да враќа.  Затоа што треба да ни е јасно на сите дека тој долг е наш, на сите нас, но и на нашите поколенија и сите заедно ќе  го враќаме“, вели Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО ДПМНЕ.

Од СДСМ одговараат дека фактите зборуваат поинаку од опозицијата.

„ВМРО-ДПМНЕ може да се обидува да ги лаже и манипулира граѓаните, но факт е дека последната еврообврзница има каматна стапка од 1,625%, а ќе се искористи за враќање на еврообврзницата, издадена во време на ВМРО-ДПМНЕ со каматна стапка од 3,975%.“, стои во реакцијата на владејачката партија.