Македонија
8. December 2020 - 16:53

Корона вирусот стигна и во Мариово

Ако до почетокот на ноември состојбата со коронавирусот во Општина Новаци беше мирна, сликата за ноември сосема се промени. Вирусот навлезе и во мариовските села, вели д-р Даскаловски, матичен лекар кој освен Новаци ги покрива и околните села вклучувајќи го и Мариово.

-Официјално имаме преку 100 тестирања, скоро 40 болни, за жал имаме и смртни случаи. Марово како дојде, веројатно од луѓето по потекло од таму и кои одеа горе, јас како што гледав ретко кој носеше маски или средство за заштита. Општина Новаци до ноември беше мирна, сега имаме доста заболени од Ковид, вели Д-Р ЖИВКО ДАСКАЛОВСКИ, МАТИЧЕН ЛЕКАР ВО ОПШТИНА НОВАЦИ.

Меѓутоа д-р Даскаловски вели дека бројката е уште поголема затоа што има жители кои се тестирале во приватни лаборатории кои немале акредитација и нивните резултати не се признати.

-Има пациенти кои ги лечиме,знаеме дека се од Ковид, но не се влезени во системот, вели тој.

Градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски, кој и самиот скоро цел ноември се бореше со вирусот, упати апел:

-Почитување на мерките, да не се собираат луѓето без потреба, сите знаеме доаѓаат зимските слави, оваа година од некои работи ќе треба да се одречиме, за нашето здравје и здравјето на сите околу нас, рече Љубе Кузманоски, градоначалник на Новаци.

Кризниот штаб презема повеќе мерки, покрај редовна дезинфекција, организирана е и волонтерска служба која им доставува потребни работи на немоќните лица, но и лицата во изолација и самоизолација во сите населени места во општината.