Македонија
7. December 2019 - 19:51

Корисници се жалат - автобусите на ЈСП пречесто ја менуваат рутата

Функционира ли возниот ред на ЈСП? Не ретко се случува во главниот град сообраќајниот режим да се промени, а со тоа да се промени и рутата на автобусите. Граѓаните велат дека поради пренасочувањето на сообраќајот често доцнат. Во однос на редовноста на автобусите, граѓаните се со поделени мислења.

Од ЈСП велат незначителен бил процентот на нереализирани тури и тоа главно се должи на непредвидени дефекти на возилата.

При промена на рутата, возачите прескокнале дури 3 автобуски станици по пат.

Иако од ЈСП велат дека постојано го контролираат движењето на автобусите, немаат информација дека неделава оваа автобуска линија ја променила рутата.
“Согласно увидот во извештаите од Диспечерски центар, кој 24 часа има контрола над сите автобуски линии согласно Одлуката за линиски превоз, неделава (од понеделникот до вчера), немало пренасочување на линијата 24. Од друга страна, ситуацијата која ја опишувате со незастанување на постојките, е можна, но, инцидентна”, велат од ЈСП Скопје.

Градоначалникот Шилегов вели дека се работи за индивидуално поведение на возачите, но дека и при промена на рутата мора да се застанува на секоја попатна станица.

“Сите движења на автобусите во ЈСП се пратат преку Центарот за управување со сообраќај и секогаш кога се случува, можеме да зборуваме за индивидуално прекршување на процедурите, не зборуваме за правило. Секој кој што го вози автобусот во тоа време, а прескокнал станица, е предмет на санкционирање. Ние, за жал, не можеме да го превенираме туѓото поведение, меѓутоа сериозно го санкционираме без оглед за кого станува збор”, вели Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Од ЈСП потенцираат дека во случај на изменет сообраќаен режим, возилата треба да застануваат на утврдените постојки на трасата по која се пренасочени.