Свет
7. July 2016 - 8:40

Конзервативните пратеници во втор круг гласање за наследник на Дејвид Камерон

Пратениците на британската Конзервативна партија учествуваат денеска во вториот круг гласање за избор на нов партиски лидер и иден премиер.

Во изборната трка останаа тројца кандидати: министерот за внатрешни работи Тереза Меј, министерот за правда Мајкл Гоув и заменик министерката за енергија, Андреа Лидсом.

Од петмината кандидати кои го почнаа изборниот процес, поранешниот министер за одбрана Лијам Фокс, отпадна по првиот круг гласање, освојувајќи само пет отсто од бројот на пратеничките гласови, додека четврто пласираниот Стивен Краб, министер за труд и пензии, самиот се повлече од трката.

Денешното гласање, меѓу пратениците ќе биде и последно.

Третопласираниот, како последен ќе отпадне, а првите двајца ќе останат во завршната фаза од изборот, кога за наследникот на Камерон ќе гласа партиското чланство, во кое се регистрирани околу 150 илјади ториевци.

Меј, која победи уверливо во првиот круг, останува фаворит и за второто гласање, додека главната битка овојпат ќе се води меѓу Гоув и Лидсом.

Високи партиски функционери изјавија за лондонските медиуми дека најдобро е партиското членство да избира меѓу двајца кандидати, од кои едниот беше за останување во ЕУ, а другиот за Брегзит.

Лондонски „Тајмс“ смета дека Лидсом, иако беше втора при првото гласање, сепак, е „новајлија во политиката“ а според весникот, во сегашната ситуација во Британија, таа не е најдоброто решение за иден премиер.

Весникот навива како конкурент на Меј да се најде Мајкл Гоув, поранешен новинар на „Тајмс“. Пред референдумот, весникот се определи за останување на Британија во ЕУ, наспроти позицијата на Гоув и на неговиот тогашен партнер Борис Џонсон кои беа за Брегзит.

Групата која водеше кампања за заминување од Унијата, сега смета дека идниот премиер „мора да биде од редовите на оние кои беа за Брегзит“.

Тереза Меј , заедно со премиерот Камерон и министерот за финансии Џорџ Озборн, беше во групата која агитираше за останување во Унијата, но таа ниту еднаш не се вклучи во кампањата пред референдумот.

Стивен Краб и Лијам Фокс по повлекувањето и изразија подршка на Меј, сметајќи дека таа е најдоброто решение за единството во поделената Конзервативна партија.