Свет
7. February 2016 - 18:37

ОН: Консензус за осуда на Северна Кореја

Советот за безбедност на Обединети нации одржува итна седница поради севернокорејското лансирање на ракета со голем дострел, само неколку недели откако земјата ја изведе четвртата нуклеарна проба.

- Имаме консензус да го осудиме ваквиот вид на кршење на санкциите, изјави амбасадорот на Венецуела и актуелен претседавач со СБ, Рафаел Рамирес пред почетокот на состанокот што се одржува зад затворени врати.

Северна Кореја денеска успешно лансира ракета со голем дострел со сателит, додека соседните држави, САД и меѓународните организации го оценија како обид за тестирање на балистички ракети и кршење на резолуциите на ОН. По тој повод беше закажана итна седница на СБ на ОН. 

Шефовите на дипломатија на Русија и на Јапонија, Сергеј Лавров и Фумио Касида телефонски разговараа за лансирањето на севернокорејската ракета која претставува кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединети нации, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Претходно, официјална Москва остро го осуди лансирањето на ракетата од страна на Пјонгјанг, истакнувајќи дека тој претставува тежок удар за регионалната безбедност, па и за безбедноста на сама Северна Кореја.

- Очигледно е дека таквите чекори ќе резултираат со сериозно влошување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров и цела североисточна  Азија, како и дека сериозно ја загрозува безбедноста на земјите од регионот, а пред се на самата Северна Кореја, се истакнува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, 

Русија, која е една од ретките земји кои ја поддржуваат Северна Кореја, нагласи дека Пјонгјанг уште еднаш покажа „дрзок презир кон нормите на меѓународното право“.

За јапонскиот премиер Шинѕо Абе лансирањето на балистичка ракета е „целосно неприфатливо“, посебно што Северна Кореја минатиот месец тестираше хидрогенска бомба.

Во меѓувреме, Високата претставничка на Европскатаунија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини го осуди лансирањето на ракета со голем дострел од страна на Северна Кореја.

- Таквите акции се директна закана за меѓународниот мир и безбедност во регионот и надвор од него. Тоа уште повеќе ќе ги зголемат тензиите на Корејскиот Полуостров, што ќе биде на штета на сите, потенцира Могерини.

Претходно, и претседавачот со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Франк Валтер Штајнмајер го осуди севернокорејското лансирање на балистичка ракета, оценувајќи дека Пјонгјанг дека уште еднаш и пркосел на меѓународната заедница.

- Лансирањето на проектил е неодговорна провокација која покажува непочитување на правно обврзувачките резолуции на Советот на безбедност на Обединети нации. Северна Кореја со ова уште една ја загрози безбедноста на регионот, посочи Штајнмајер.

Тој ја повика меѓународната заедница остро да го осуди „отвореното пркосење“ на Северна Кореја, што не би смеело да остане без последици.

- Вонредната седница на СБ на ОН што е закажана по овој повод претставува значителен сигнал во таа смисла. Ги повикуваме сите партнери да ги поддржат одлучните мерки, посочи Штајнмајер.

Владата на Јужна Кореја остро го осуди лансирањето на ракетата со голем дострел што денеска го изведе Северна Кореја и покрај предупредувањата на меѓународната заедница.  

Официјален Сеул истакнува дека денешниот чекор на Пјонгјанг во целост е во спротивност со резолуцијата на Советот за безбедност на Обединети нации.

- Единствен начин Северна Кореја да се откаже од нуклеарниот развој е воведување на ефикасни и силни санкции како резолуција од СБ на ОН во соработка со меѓународната заедница, со цел Северна Кореја сама да одлучи да се откаже од развивање на нуклеарно оружје, се наведува во соопштението на Владата на Јужна Кореја.

И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го осуди севернокорејското лансирање на ракетата со голем дострел, истакнувајќи дека тоа е кршење на пет резолуции на ОН и побара од Пјонгјанг да ги почитува меѓународните закони.

- Лансирањето претставува директно кршење на пет резолуции на СБ на ОН со кои од Северна Кореја се бара да ги суспендира сите активности поврзани за нејзината програма за балистички ракети, да го почитува мораториумот за лансирање на ракети и да не врши понатамошни нуклеарни тестирања или проби на балистичката ракетна технологија, посочи Столтенберг.

За Франција лансирањето на ракетата со голем дострел е „безумна провокација“ од страна на Северна Кореја и побара од СБ на ОН „брз и остар“ одговор.

- Франција најодлучно го осудува новото флагрантно кршење на резолуцијата на СБ од страна на Северна Кореја. Лансирањето ракета претставува безумна провокација, а Франција повикува на брз и остар одговор од меѓународната заедница на итна седница на СБ, се наведува во соопштението од Елисејската палата.

Претходно, и американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека САД ќе соработуваат со СБ на ОН за воведувањето „значајни мерки“ за Пјонгјанг да биде повикан на одговорност заради лансирање на ракетата, што го нарече флагрантно кршење на резолуцијата на ОН за севернокорејското користење на балистичка технологија.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, остро го осуди лансирањето ракета и Северна Кореја ја повика да „се откаже од своите провокативни активности“.

Кина изрази жалење заради лансирањето и ги повика сите страни внимателно да  постапуваат внимателно и да се воздржат од какви било чекори што можат дополнително да ги интензивираат тензиите на Корејскиот Полуостров.