Бизнис
10. May 2017 - 18:17

Конкурс за компаниите за користење искуства на странски експерти

За следната недела е предвидено објавување оглас, конкурс за компании во Македонија што ќе се пријават да користат искуства од странски експерти, соопшти денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на новоизградената спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Кратово, Груевски потенцира дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ до последен ден ќе работи да ги исполни ветувањата на граѓаните.

- Од моите информации веќе следната недела Владата планира да го објави конкурсот за компании во Македонија кои ќе се пријават да добијат речиси бесплатно странски експерт кој ќе престојува недели или месеци кај нив и врз основа на своите долгогодишни искуства од истата област,  да им ги пренесе најдобрите практики што ги има стекнато во развиени држави. Морам да потенцирам дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ до последен ден ќе работи да ги исполни ветувањата на граѓаните, до последен ден ќе работи да ја подобри нивната состојба и од тие причини може да се очекува овој оглас да излезе следната недела, рече Груевски.

Огласот, како што кажа, ќе трае 45 дена и на него ќе може да се пријават сите компании од Македонија што ги исполнуваат условите. Тие ќе може да се пријават и да побараат државата да обезбеди експерт за нивната компанија и дејност поединечно или поединечно за каква област сакаат, за унапредување на прозводството, маркетинг,...

Досега услуги од таков експерт користеле над 10 компании во Македонија и, според Груевски, задоволството кај компаниите е огромно.

- Тоа им помога компаниите да растат, да се развиваат и со тоа да отворат нови работни места, а тоа е од исклучителна важност за Република Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.