Свет
8. November 2018 - 15:31

Конгресот на ЕПП засенет од случајот Орбан

Европската Народна партија овие два дена го бираше својот кандидат за претседател на Европската Комисија, но за новинарите, како и за јавноста преовладуваше интересот за иднината на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во демохристијанското семејство.

Од резолуции на сестрински партии за исклучување на Фидес до јасни пораки на најистакнати фигури на ЕПП, како Жан Клод Јункер, против присуството на Орбан во партијата, унгарскиот премиер последните месеци стана вистински трн во око за Европската Народна Партија и тема која длабоко го поларизира најголемото европско политичко семејство, без притоа тоа да доведе до конкретни последици.

Ако многумина членови на ЕПП имаат длабоки несогласувања со Орбан поради неговите напади врз владеењето на правото, човековите права и академските слободи, неговите тврди ставови за миграциската политика на Европската Унија сѐ посилно одекнува кај голем број десничари.

Дополнително, на само неколку месеци до клучни избори за Европскиот Парламент на кои темите како миграцијата и тероризмот ќе преовладуваат и можат да ги засилат антиевропските и популистичките партии, многумина во ЕПП сметаат дека не е време за конфликт со ликот кој најгласно ги артикулира овие стравови. Неговото евентуално заминување во друга поекстремна европска партија пред изборите ризикува да ја ослабне ЕПП, која, според проекциите, иако се очекува да изгуби пратеници, сепак би требало да остане првата партија во Европскиот Парламент по мај 2019.

Непосредно пред почетокот на Конгресот, ЕПП поднесе итна резолуција во која се бара од сите членки почитување на темелните вредности и слободи на ЕУ, демократијата, владеењето на правото, верските слободи. Но, никаде резолуцијата не ја именува експлицитно Фидес. Единствена индикација дека текстот пред сѐ алудира на Орбан е точката која се однесува на „академската слобода“, алузија на притисоците на владата на Орбан врз Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта , принуден да се отсели во Виена поради крстоносната војна на унгарската влада против милијардерот и основач на ЦЕУ, Џорџ Сорос.

Иако претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, потврди дека резолуцијата се однесува на Фидес тој ја отфрли опцијата за нивно исклучување.

-Во секое семејство има „невоспитано дете“, повеќе сакам да го задржам во фамилијата и да зборувам со него, да го вразумам, порача Дол на прес-конференција.

Поларизацијата околу случајот Орбан беше најеклатантна кога дојде време за говорите на тројцата претседатели на главните европските институци: Антонио Тајани на Европскиот Парламент, Доналд Туск на Европскиот Совет и Жан Клод Јункер на Европската Комисија, сите тројца од редовите на ЕПП.

Додека Италијенцот Тајани, од Форца Италија, фокусот во својот говор го стави на миграцијата, борбата против тероризмот, соработката со африканските земји и улогата на ЕУ на глобалната сцена, претседателот на ЕК Јункер не пропушти да ја повика ЕПП да ги брани своите вредности.

-Владеењето на правото не е поема, рече тој, тоа е секојдневна обврска. Ветивме дека ќе го почитуваме владеењето на правото и слободата на медиумите, мораме да се бориме за тие вредности.

Но, иако ниту еднаш не го спомена, најдиректните пораки до Орбан дојдоа од претседателот на Европскиот Совет, Полјакот Доналд Туск, чија земја се соочува со слични проблеми како Унгарија.

-Сакам многу брутално да кажам дека никој нема право, барем во нашето политичко семејство да ја напаѓа либералната демократија и нејзините темели, додаде Туск

Тој продолжи со список на квалификации кои јасно се однесуваа на унгарската политика.

-Ако сте против владеењето на правото и независното судство, не сте демохристијанин, ако не сакате слободни медиуми и невладини организации, ако толерирате ксенофобија, хомофобија, национализам и антисемитизам, не сте демохристијанин, ако државата и нацијата ви се над слободата и достоинството на индивидуите, не сте демохристијанин, ако сакате конфликт и поделби глобално и во ЕУ, ако го поддржувате Путин и ја напаѓате Украина, не сте демохристијанин, ако го заменувате западниот модел на либерална демократија со источниот модел на авторитарна демократија, не сте демохристијанин, заклучи претседателот на Европскиот Совет.

Конгресот заврши со очекуваната победа на Германецот Манфред Вебер со речиси 80 отсто од гласовите. Ако моделот на “Шпиценкандидати“ се почитува по овие избори и ако ЕПП повторно победи, Вебер има големи шанси да го замени Жан Клод Јункер.

Ќе останува тогаш да се види како Вебер ќе се позиционира на темата „Орбан“, знаејќи дека Фидес застана зад неговата кандидатура. Вебер, меѓутоа, исто така гласаше за резолуцијата на Европскиот Парламент која бара да се суспендира правото на глас на Унгарија во Советот на ЕУ поради нарушување на владеењето на правото.

Симболичен предизборен потег или искрена заложба, прашањето е отворено. За суспензија на правото на глас на една земја членка, познато како членот седум или “нуклеарната опција“ крајната одлука сепак лежи кај земјите членки, а не кај европратениците.