Македонија
5. April 2018 - 14:51

Конференција за заштита на културното наследство и соработка со УНЕСКО во Сараево

Заштитата на културното наследство и унапредувањето на соработката со УНЕСКО била тема на средбите што денеска ги имаше македонската делегација предводена од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во рамки Четвртата конференција на Советот на министри за култура на ЈИЕ (CoMoCoSEE) која заврши денес во Сараево, БиХ.

- На маргините на конференцијата што во изминатите два дена се одржуваше во Сараево, Босна и Херцеговина, министерот Алаѓозовски оствари и неколку значајни средби со своите колеги и со претставници на меѓународни организации, во чиј фокус беа конкретни чекори за унапредување во областа на заштитата на културното наследство, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Алаѓозовски се сретна со раководителот - шефот на Антена канцеларијата во Сараево на Регионалниот центар за ЈИЕ за наука и култура на УНЕСКО од Венеција, Синиша Шешум. На средбата се договорија следните активности, кои претстојат во рамки на спроведувањето на Акцискиот план за постапување по одлуката која се однесува на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион, донесен на 41 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска во 2017 година.

На средбата беа дефинирани насоките за ревидирање и деблокирање на средствата наменети  за функционирањето на Регионалниот центар за дигитализација на УНЕСКО во Република Македонија, со цел да се овозможи негова целосна функционалност согласно стандардите на останатите канцеларии на УНЕСКО во регионот. 

Министерот за култура го потврдил и интересот за вклучување на Република Македонија во проектот „Индикатори за културен развој (ЦДИС)“, кој има за цел преку статистика и анализа на конкретни индикатори да ја потврди улогата на културата како значаен фактор за одржлив развој. За овој проект ќе се обезбеди експертиза и финансиска поддршка од страна на УНЕСКО. На средбата беа договорени и активностите во областа на нематеријалното културно наследство, кои треба да са реализираат во втората половина на 2018 година.

Министерот Алаѓозовски оствари средба и со министерката за култура на Република Грција, Лидија Кониорду, на која разговараа за идејата да се предложи регионот на Преспа и Преспанското езеро да се прогласи како културно и природно наследство на листата на УНЕСКО. Грчката министерка ги потврди уникатните знаменитости на овој регион и изрази подготвеност да учествува во процесот на изработка на заедничко досие. Двајцата министри констатираа дека и Република Албанија треба да се вклучи во апликацијата. 

На Четвртата конференцијата Советот на министри за култура на Југоисточна Европа во Сараево учествуваа делегации и министри од 12 земји – членки од регионот. Се усвои Декларација за зајакнување на регионалната соработка.  Воедно, министерот Алаѓозовски пред своите колеги предложи подиректно вклучување на културата во Берлинскиот процес и формирање на структура за поддршка односно регионален фонд, по примерот на Нордискиот совет на министри, или Вишеградскиот фонд, што ќе овозможи постојана и стратешка поддршка, создавање на нови, подлабоки културни вредности, покомплексни нови уметнички и културни производи и подобар пробив на културните пазари.

Во обраќањето на прес-конференцијата по завршувањето на настанот, министерот за цивилни прашања, Адил Османовиќ, како актуелен претседавач со Советот, истакна дека усвоената Декларација потврди дека ќе се продолжи со понатамошно зајакнување на соработката во насока на размена на знаење и најдобри практики во областа на културата, а особено на искуствата на поврзување со други сектори и секторските политики за да се постигне целта на Агендата 2030 за одржлив развој.