Македонија
16. December 2015 - 12:29

Конференција за креативно здружување во хабови

Здружението на дизајнери „Плакарт“ во соработка со Британскиот совет-Скопје и со поддршка на Министерството за култура денеска организира конференција за креативни хабови - модел на здружување на креативците и уметниците што ќе придонесе за развој на креативниот сектор во државата.

- Идејата на конференцијата е да презентира еден модел кој постоеше во Југославија многу порано. Креативен хаб е како  ОЗТ - Организација на здружен труд, каде што сите заедно партиципираат во однос на креирањето на одредени политики, каде што сите дизјанери на едно место реализираат активности, одговорни се за самиот простор и одржувањето. Тоа би требало да биде модел што треба да стане реалност, модел кој ќе ги здружи креативците, истакна Лазе Трипков, претседател на „Плакарт“,  на отворањето на конференцијата.

Шкотскиот експерт за креативни индустрии од Британскиот совет во Глазгов  Линзи Смит појасни дека хаб (hub) може да има повеќе значења и да биде колектив, реконструиран простор кој претходно имал друга намена (пр. фабрика, касарна итн), може да е составен од креативни бизниси и дејности, со него може да управува едно или повеќе лица. Зборуваше за искуствата и начинот на финансирањето на хабот  Креативен Единбург, каде била директор до 2013 пред да стане дел од Британскиот совет, како и за други модели на хабови во Велика Британија.

 

- Хабот е модел кој се испреплетува низ повеќе сектори. Има стотици  хабови низ целиот свет. Тоа е како растечки еко-систем кој постојано расте и се развива. Хабовите се многу добар начин за обединување на креативните заедници и придонесуваат во економијата. Најдобар начин да се подигне свеста за нивното значење е да се работи заедно со јавниот сектор. Креативните индустрии не се многу разбрани од целото општество. Дури во последните 20-ина години почнавме да ги мапираме соодветно и да сфаќаме каков придонес даваат кон економијата. Треба да разбереме дека 85 отсто од глобалната економија во светот е направена од микро хабови, мали и средни претпријатија, рече Смит. 

Со поддршка на Министерството за култура опремен е еден таков хаб - Центарот „Јавна соба“ кој почна да работи минатиот месец.

- Оваа конференција ќе овозможи да се посветиме повеќе на ширење на таа мрежа на хабови, ако е тоа потребно, и да ги разгледаме сите постоечки модели, рече Борче Николовски од Секторот за евроинтеграции во Министерството за култура. 

Тој посочи и на активностите на Министерството во однос на креативните индустрии кои се интензивирани во изминатите шест години. 

 

- Во 2009 година го почнавме првото истражување на креативните индустрии во Македонија, направивме еден мапинг во партнерство со Британскиот совет во Македонија. Продолживме на развивање систем во Министерството за култура кој ќе го поддржи амбиентот за работа на креативците во државата. Имаме годишен конкурс за проекти од областа на креативните индустрии и директно поддржуваме идеи за кои мислиме дека се репрезентативни. Конкурсот е се помасовен секоја година, што докажува дека сме се посветиле на вистинската тема и дека креативните индустрии се актуелни, рече Николовски.

Конференцијата за креативно здружување во хабови ќе трае во текот на денов со учество на експерти од регионот и од Велика Британија. Учесниците ќе дискутираат за повеќе теми за креативниот сектор, како заштита на авторските права, улогата на овој сектор во развојот на економијата, креативното образование во развојот на кариерата, прилагодување на новите услови на работа во ерата на дигитализацијата...