Балкан
16. September 2017 - 9:38

Конференција на Воениот комитет на НАТО во Тирана

Во Тирана денеска ќе се одржи Конференција на Воениот комитет на НАТО, што е прва ваква значајна средба што се одржува во албанскиот главен град, откако Албанија во април 2009 година стана членка на НАТО.

Како што јави дописникот на МИА, на Конференцијата шефовите на генералштабовите на армиите на земјите членки на Алијансата ќе разговараат за безбедносната состојба во западен Балкан, а се очекува и да дадат препораки за продолжување на мисиите на НАТО во Авганистан и Косово.

Началниците на генералштабовите на членките на НАТО, кои од вчера допатуваа во Тирана, синоќа беа примени од албанската министерка за одбрана Олта Џачка, која вети дека Албанија ќе го зголеми бројот на свои војници во мисијата во Авганистан.

Претседателот на Воениот комитет на НАТО, генерал Петр Павел пак имаше средба со шефот на албанската држава Илир Мета, при што високо ја оцени ангажираноста на Албанија во редовите на Алијансата и учеството на нејзините војници во меѓунароните мисии.

- Ова е годишна конференција и е многу значајна не само затоа што се собираме во овој формат еднаш годишно, туку и поради комплексноста на прашањата. Имаме низа прашања за дискусија и неколку значајни одлуки за да одиме напред. Очекувам успешна средба, посочи Павел.

Од своја страна, претседателот Мета, кој воедно и е врховен командант на Вооружените сили на Албанија, му вети на генерал Павел дека ќе се ангажира во исполнувањето на обврските на неговата земја кон НАТО.

Денеска началниците на генералштабовите на членките на НАТО ќе го изберат и новиот претседател на Воениот комитет на Алијансата, кој функцијата ќе ја превземе кон средината на 2018 годна.