Македонија
29. јуни 2020 - 19:49

Концерти на отворено од август

Комисијата за заразни болести даде зелено светло за одржување концерти и музички настани, но извисија музичарите кои настапуваат во угостителските објекти.

Комисијата дозволи да се одржуваат концерти само на отворено и со посебни протоколи. Капацитетите на локациите ќе мора да бидат преполовени, а картите ќе може да се продаваат само онлајн за да нема метеж на билетарниците. Гостите ќе бидат принудени да носат заштитни маски во текот на целиот концерт, а организираторот е должен да воспостави ред во почитувањето на мерките.

Според првичните најави, музичките концерти во Македонија ќе се вратат во август.

Но согласно овие протоколи, без ангажман остануваат Националните културни институции. Македонската Филхармонија пред еден месец доставила предлог протокол за одржување концерти во малата и големата сала, но надлежните се уште немаат одлучувано по нивниот предлог. Со оглед на тоа што ситуацијата со корона кризата ќе потрае, од Филхармонија велат дека можни се настапи под отворено небо.

Протоколите не ги опфаќаат околу 20.000 музичари кои настапуваат во кафулиња, барови, ресторани... За најголем дел од нив, токму ваквите настапи се единствениот приход.