Бизнис
11. November 2015 - 19:53

Компаниите слабо ги користат европските пари, недостига соработка со науката

Македонските компании недоволно ги искористуваат средствата од европските фондови. Европската комисија преку трите клучни програми Хоризонт 2020, КОСМЕ и Еразмус  на фирмите од Унијата и на земјите надвор од неа им нуди над 82 милијарди евра до 2020 година.

Целта е да се поттикнат компаниите да аплицираат со иновативни проекти на повиците кои Комисијата постојано ги објавува. Кај нас од програмата Косме само една фирма има добиено средства во износ од 380 000 евра, а за парите од програмата Хоризонт лани аплицирале 220 фирми а одобрени се проектите на 20.

Вицепремиерот Пешевски истакна дека за поголема искористеност на европските пари потребна е поголема соработка помеѓу бизнис и научниот сектор и  информираше дека наскоро на домашните фирми ќе им бидат достапни и парите од Регионалниот фонд.

Работодавачите причината за слабата искористеност на европските пари ја гледаат во немањето на доволно стандарди и технологија кај домашните фирми. Велат дека уште многу треба да се вложува и во инфраструктурата.

На располагање на компаниите се и кредитните линии од МБПР кои досега ги искористиле над 1600 мали и средни претпријатија.