Бизнис
5. јуни 2017 - 21:04

Компаниите се жалат на Законот за нотаријат и извршување

За повеќе од 40 % се зголемиле трошоците на компаниите со воведувањето на новиот Закон за нотаријат и извршување. Фирмите се жалат дека сега дополнително плаќаат адвокат за одредени постапки, а не им се намалиле давачките за нотар и такси како што им било ветено. Aнгажираат адвокати и покрај правниците што работат кај нив, со што постои опасност во иднина овие лица да бидат отпуштени.

Проблеми имаат и со наплатата на побарувањата од јавниот сектор.По донесени судски одлуки за наплата на средства од јавни институции решенијата најчесто се поништуваат со образложение дека тие пари се потребни на институциите и фирмите под државна  капа за нормално функционирање.

Бизнис секторот смета дека треба да се преиспита и воведувањето на постапката за вонсудска наплата на долговите. Постапките траат многу долго и директно се одразуваат врз ликвидноста на фирмите.

Од Комората информираат дека денеска ја доставиле иницијативата со измени и дополнувања на законите за нотаријат и извршување до Министерството за правда. Очекуваат дека дополнително ќе бидат консултирани од надлежните за нивните предлози.

Новите закони за нотаријат и извршување се применуваат од почетокот на годинава.