Бизнис
3. October 2016 - 20:40

Компаниите бараат измени во законот за извршување

Бизнис заедницата бара измени на Законот за нотаријат и Законот за извршување пред да почне нивната примена од 1 јануари. Според новите законски решенија  за било каква правна услуга, молби жалби и слично односно предмет со износ од над 10 000 евра компаниите ќе мора да ангажираат адвокат да ги застапува пред извршителите и судовите наместо како досега тоа да го прават нивните вработени правници кои имаат исти квалификации и лиценци .

Како што посочуваат од Стопанската комора освен  што ќе се зголемат трошоците на компаниите, можно е да се намали  бројот на вработени во правните служби во фирмите чиишто овластувања ќе се намалат.

Од комората посочуваат дека иако било договорено да се намалат цените за нотаријат и извршување поради зголемената адвокатска тарифа, сеуште нема промена на цените.

- Во овој период имаме нов тарифник на адвокатите со повисоки износи, но нема намалување кај тарифниците на нотарите и извршителите. Зависно од тоа колкава е вредноста на работата што треба да ја завршат адвокатските канцеларии за компаниите, цената се движи од 700 денари до 12.600 денари. Според тоа, компаниите регистрираат само зголемување на трошоците – вели Милевска Штрбевска.

Во истражувањето на комората за ефектите од донесувањето на овие закони врз бизнис секторот биле опфатени 226 фирми од кои 61,5 % имаат свои правници и досега многу ретко ангажирале адвокати.