Бизнис
31. August 2015 - 13:15

Коморски инвестициски форум за развој на Западен Балкан

Јакнење на регионалната соработка и привлекување инвестиции, треба да овозможи Коморскиот инвестициски форум за кој потпишаа договор државите од Западен Балкан на неодамнешниот Самит во Виена.

За да се постигнат резултати треба да се работи на заеднички инвестициски проекти, истакна денеска на прес-конференција Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Приоритетни сектори на Коморскиот инвестициски форум ќе бидат сообраќајната и енергетската инфраструктура и комунални дејности, подобрување на деловното и инвестициското опкружување и развој на приватниот сектор. 

Според Георгиева, со договорот за Коморскиот инвестициски форум ќе се настојувада се обезбеди поефикасно вклучување на деловните заедници од земјите во регионот во спроведување на тековните и предвидените инфраструктурни проекти, како и во проекти од други области значајни за економскиот напредок на Западен Балкан.

Како што главната транспортна мрежа на Унијата ги поврзува нејзините главни градови, потенцира Георгиева, така и на Западен Балкан му е потребна забрзана реформа и дополнителни инфраструктурни инвестиции за клучните коридори. За Македонија, приоритет е целосна функционалност на Коридорите 8 и 10. Моментно активно се работи на изградба на преостанатиот дел од автопатската делница од Коридорот 10, Демир Капија Смоквица, како и на изградба на дел од автопатот од Коридорот 8, Кичево-Охрид и Скопје-Штип. 

- Кога станува збор за инвестициски проекти кои би требало да се реализираат за овие два коридора треба да се размислува и на прашањето за изработка на заеднички регионални проекти за изградба и на приклучната инфраструктура од која гравитираат стоките кон овие коридори, наведе Георгиева. 

Според договорот на претседателите на стопанските комори, платформа за учество во заедничките проекти ќе биде Регионалниот центар за развој на претприемачките способности за земјите од Југоисточна Европа, формиран на барање на осум држави од ЈИЕ: Македонија, Албанија, БиХ, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Турција. Седиштето на Центарот е во Загреб, а сите членки ќе имаат свои канцеларии и претставници.

- Фирмите од регионот поединечно не се доволно големи и јаки да настапат самостојно, па со оглед на тоа позначајни резултати за стопанствата на Западен Балкан може да се очекуваат само ако коморите ги поврзат и им дадат вистински и навремени информации за можностите за учество во реализацијата на големи инфраструктурни проекти, оцени Георгиева. 

Следниот коморски состанок и состанок на Коморскиот инвестициски форум ќе се одржи ден пред Петтата годишна конференција „Ефикасност на процесот за пристапување кон ЕУ и подобрување на регионалната конкурентност“, најавен за 22 и 23 октомври годинава во Будва.