Македонија
11. March 2018 - 16:29

Комеморативен „Марш на живите“ во Битола

Јасно и гласно кажуваме дека никогаш нема да го заборавиме холокаустот и никогаш нема да дозволиме извитоперување на историските факти во смисла на негово негирање, порача Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во обраќањето по повод одбележувањето на 75 години од депортирањето на Евреите од Битола, каде денеска за првпат повеќе од две илјади луѓе го одржаа т.н. Марш на живите.

Во првите редови беше и израелскиот амбасадор во земјава, Дан Оријан, кој порача дека настанот ќе придонесе за подлабочување на односите помеѓу двете земји.

Пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски истакна дека маршот има единствена цел – да испрати порака за мир, заедништво и соживот, а домаќинот на настанот градоначалникот на Битола, Наташа Петровска порача општината ќе направи се за да се зачува споменот на еврејската заедница во градот.

Комеморативниот Марш на живите кој почна пред Здравствениот дом „Хаим Абраванел“ во Битола, продолжи по Широк Сокак и заврши на Железничката станица во Битола, каде сите учесници ставија цвеќе на „шините за збогување“ во знак на почит кон депортираните битолски Евреи. На Еврејските гробишта потоа беше промовирана Ерусалимска патека, а во битолскиот Музеј беше отворена изложбата „Дипломати праведници меѓу народите“