Комеморација и книга на жалост за Есма Реџепова-Теодосиевска
Советот на Град Скопје денеска од 11 часот ќе одржи комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје Есма Реџепова-Теодосиевска, која почина вчера по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Во салата на Советот ќе биде отворена и книга на жалост.
Есма Реџепова е родена во Скопје на 8 август 1943. Го носеше епитетот „кралица на ромската песна“, а нејзината богата и меѓународна музичка кариера непрекинато траеше 55 години. Имаше репутација на светски уметник со повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени 60-ина албуми.
Во мај 2013 година Есма Реџепова-Теодосиевска ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Малме со поп-пејачот Влатко Лозановски-Лозано и песната „Пред да се раздени“. Во 58-годишната историја на евровизискиот натпревар првпат една композиција делумно беше испеана на ромски јазик.
Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. Највисокото признание го доби и за нејзината хуманост и подобрувањето на социјалниот живот на Ромите, зашто со сопругот Стево Теодосиевски се грижела за 47 бездомни ромски деца и го сменила нивниот живот.
За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.
Својот талент за пеење Есма го покажала пеејќи песна во претстава и добила покана да учествува на меѓуучилиштен натпревар во пеење во Сарај. Естрадниот уметник Стево Теодосиевски го убедил нејзиното семејство таа да настапува со неговиот ансамбл. Есента 1957 година Есма победила на натпреварот и добила покани за соработка од Радио Скопје. Музичките критичари во 13-годишното девојче откриле вонсериски талент.
Животот на Есма оттогаш добил поинаков тек. Се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, кој се грижел за нејзината кариера во која имало голем број турнеи во поранешната СФРЈ. Првата надвор од државата била во Бугарија во 1961 година. Со темпераментот и ромскиот музички ритам го освоила светот, а со стекнатата популарност Есма влегла во протоколот на претседателот на Југославија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, како и пред други државници кои кај него доаѓале во посета.
Скопјанката Есма од 1960 година станала жител на Белград. Музиката и заедничкото живеење со Стево Теодосиевски ги крунисала во брак во 1968 година кој траел 30 години, до неговата смрт во 1997. Тие немале свои, биолошки деца, но посвоиле и одгледале 47 кои растеле и се школувале во ансамблот „Теодосиевски“.
Есма беше и политички активна - членуваше во поранешната партија Демократска алтернатива, а почина како актуелен советник во Советот на Град Скопје од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Ново на Сител
-
Во Куманово жена удрена од автомобил,со тешки повреди е пренесена во болница
-
Авионот што наводно го превезувал сирискиот претседател исчезнал од радарите
-
УЈП: Од 907 контроли во ноември, неправилности кај 126 даночни обврзници во однос на Законот за регистрирање готовински плаќања
-
Околу 1.000 граѓани на ЕУ се приклучија на тужбата против Фон дер Лајен за ковид-вакцините
-
Честитка од вицепремиерот Димовски по повод празникот Св. Климент Охридски
-
Честитка од Социјалистичката партија на Македонија по повод празникот Св. Климент Охридски
-
АХВ: Спроведени вонредни контроли и во кујните на приватните градинки
-
СЗО одобри револуционерен дијагностички тест за туберкулоза