Свет
29. September 2016 - 9:01

Колумбиската „Армија за национално ослободување“ подготвена за мировни преговори со владата

Втората по големина бунтовничка група во Колумбија, „Армијата за национално ослободување“, (АНО), вчера соопшти дека е подготвена да почне официјални мировни преговори со владата, јавија светските агенции.

Левичарската група соопштението го лиферуваше два дена откако десноцентристичката Влада на Колумбија и најголемата бунтовничка група во земјата - „Револуционерните вооружени сили на Колумбија“, го потпишаа мировниот договор.

„Армијата за национално ослободување“ уште во март соопшти дека ќе почне мировни преговори, потсетуваат агенциите. Но, нивниот почеток беше забавен од континуираните киднапирања и напади врз инфраструктурата.

Претседателот Хуан Мануел Сантос во вторникот ја повика АНО, во чии редови има околу 2.000 бунтовници, да ги ослободи заложниците и да почне официјални преговори.

„Армијата за национално ослободување“, која е инспирирана од кубанската револуција од 1959 година, е основана во 1964 година од радикални католички духовници, потсетуваат британските медиуми. Бунтовниците често пати изведуваат бомбашки напади врз нафтоводи и други инсталации, поврзани со нафтената индустрија во Колумбија.