Македонија
3. May 2021 - 21:17

Колку вакцини од Фајзер утре ќе донесе еврокомесарот Вархеј?

5000 дози од Фајзер ќе донесе утре при посетата на Скопје комесарот за проширување Оливер Вархеи, што се дел од вакцините кои на Македонија и следуваат од Европсаката Унија. Овој месец земјата ќе добие околу 20 000 вакцини од предвидените 119.123 финансирани од ЕУ. Останатите етапно ќе стигнуваат до август. Иако во пунктовите има кинеска, руска, фајзер и астра зенека, граѓаните немаат право на избор туку која вакцина ќе ја добијат ќе бидат информирани во моментот на боцкање. А од утре почнува масовната имунизација на населенеито откако вакцините на Синофарм веќе се распределени во големите пунктови низ државата. До петок се резервирани 35.000 термини на граѓани, но како што информираат од Министерството за здравство има простор за нивно зголемување. Во Борис Трајковски освен ревакцинација ќе аплицираат и од Синофарм.

-Половина од пунктовите во Борис Трајковски се за ревакцинација со Спутник а останатите за Синофарм. Во пунктовите во поликлиниките ќе биде кинеската освен во Букурешт каде утре ќе биде и вакцинација на дипломатскиот кор. Не очекувам да има проблеми. Засега тимовите се исти на број, и ќе видиме дали понатаму ќе има потреба од нивно зголемување, вели др. Виктор Исјановски, директор на Здравствен Дом Скопје.

 Масовната имунизација продолжува според старосната граница, критичната инфраструктура но и сите лица кои се пријавиле на вакцинација.мк без разлика на годините, велат од МЗ. Досега аплицирале над 218 000 лица, но откако од листата ги прочистиле оние кои веќе примиле вакцина и тие кои откажале термин, како што велат од министерството, бројката за вакцинирање е околу 170 000 граѓани. Апелираат граѓаните да го користат овој сајт за да добијат термин за вакцина.   

Министерот за здравство најави дека неделава ќе прими доза од кинеската Синофарм со цел да даде пример дека сите вакцини се безбедни.