Македонија
21. August 2020 - 16:41

Колку вакцини и требаат на Македонија за да обезбеди заштита на населението?

Најмалку 400.000 вакцини против Ковид 19 и се потребни на Македонија согласно препораките на Светската здравствена организација. СЗО предвидува да биде имунизирано 20 проценти од населението за да дојде до колективен имунитет. Надлежните велат кога ќе дојде време ќе обезбедат и финансиски средства а граѓаните нема да плаќаат за имунизација. Македонија може да набави вакцини преку Ковакс механизмот или преку Алијансата за имунизација, но засега се уште нема готов производ на пазарот. Во меѓувреме, од Комисијата за заразни болести имаат задача да утврдат колкава популација е во ризична група за да прими од вакцината против корона вирусот.  

- Оксфордската вакцина почна со тестирање уште во април на лица постари од 55 години, помлади од 55 а беа вклучени и деца под 12 години. Секако дека размислуваме и за децата да бидат заштитени, но она што го дискутираме на Комисија е да бидат опфатени оние ризични групи, хронично болни и секако медицинскиот персонал. На Комисија зборувавме на неколку осстоаноци за вакцината, вели Ангелчо Андоновски, директор на болницата во Козле и член на Комисија за заразни болести.

И додека сите чекаат вакцина од опасниот вирус, Светската здравствена организација почна разговори со Русија за процена на  Спутник 5 иако во оваа земја почна тестирањето и на втората вакцина против Ковид 19. Освен оксфордската за која европската комисија веќе резервира 400 милиони дози, потпишаа договор и со друга компанија.

- Потпишавме договор со Кјурвак за 225 милиони дози за вакцина против Ковид 19, вели Вивиен Лунела, портпарол на ЕК

Поради неможноста за билатерален договор со произведувачот, Македонија веќе доби понуда од Полска за набавка на одредена количина на вакцини. И додека чекаме заштита од Ковид 19, надлежните најавија дека годинава ќе има и двојно повеќе дози на вакцини за заштита од сезонскиот грип за разлика од лани.