Македонија
11. February 2023 - 16:40

Колку наплатиле пратениците за да доаѓаат на работа во 2022-ра?

73 народни избраници за 11 месеци инкасирале 360.00 евра народни пари за да ги покријат своите патни трошоци. Податоците кои ги добивме преку барање за информации од јавен карактер,

покажуваат дека народните избраници од најголемата владејачка партија, СДСМ, пријавиле најмногу патни трошоци. 23 пратеници добиле 133.000 евра. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е втора на оваа листа. 23 пратеници од оваа партија побарале 132 илјада евра за патни трошоци.

Сумите кои минатата година ги пријавиле пратениците варираат од 7.800 до 770.000 денари.

Апсолутни рекордери за оваа година се Мирче Аџиоски, Јадранка Поцкова и Сурија Рашиди. На овие пратеници на сметките им легнале од 706 до 770 илјади денари.

Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој од 2020 наваму поднел само 26 материјали,  се потпишал на 389 амандмани и поставил само две прашања, лани дневно во просек добивал по 3.550 денари за да патува на релација Струга – Скопје.

По него следи Јадранка Поцкова од истата пратеничка група, доставила 35 материјали, потпис ставила на 1099 амандмани и поставила само едно прашање. За патувањата Скопје – Струмица, дневно во просек добивала 3468 денари.

Сурија Рашиди од Алијанса, доставил 13 материјали, 125 амандмани и поставил само две прашања. Но неговите патувања Струга – Скопје биле поевтини од тие на Аџиоски, па дневно во просек добивал по 3254 денари.

Љубица Спасова од СДСМ е водачот на владејачкото мнозинство на оваа листа. Одела на работа, ама податоците покажуваат дека освен што присуствувала, нејзината активност е речиси незабележителна. За 3 години доставила само 7 материјали, се потпишала на само 14 амандмани, а не поставила ниту едно прашање. Но затоа, дневно заработувала по 3100 денари за патувањата од Струмица кон Скопје.

Арбана Пашоли од Дебар, пратеничка на ДУИ, за само 6 материјали,10 амандмани и ниту едно прашање добивала 1889 денари дневно само за да се појави во македонското Собрание.

Во дневниот просек на нашата пресметка е одземен месец август, кога пратениците се на колективен одмор и Собранието не работи. Но податоците покажуваат дека седум пратеници сепак побарале одредени суми за патни трошоци. Тука води координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески со 12.400 денари, а веднаш по него е Александар Николоски со речиси 7.000 денари.

Инаку, патните трошоци се само еден дел од парите кои ги добиваат народните избраници. Пратениците добиваат основна плата која 3 и пол пати поголема од просечната во државата. Со оглед на тоа дека просечната плата во овој момент изнесува 33 011 денари, еден пратеник месечно ги чини граѓаните 115 538 денари, без притоа да се пресмета неговиот стаж.