Македонија
7. December 2023 - 17:03

Колку ќе трае екстрадицијата?

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти. Oригиналниот документ е испратен и до турското министерство за правда и до Интерпол.

Министерот Лога очекува целата постапка за враќањето на првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски, да се одвива брзо и тој да биде изведен пред органите во Македонија.

Но турските закони и не предвидуваат толку брза постапка за екстрадиција како што најавуваат македонските власти. Професорот по казнено право Гордан Калајџиев вели дека согласно различните институции кои треба да ја одобрат, екстрадицијата може да потрае повеќе од еден месец.

Но, зборовите „монструм“ и „психопат“ кои и министерот Спасовски и обвинителот Бубевски ги користат за првоосомничениот соопштувајќи детали за случајот, можат да бидат искористени од Палевски и тој да наведе дека во Македонија нема да добие фер судење поради реториката што се шири против него во јавноста.

Токму ова го предвидуваат и турските закони, односно осомничениот може да одбие да биде екстрадиран во Македонија наведувајќи безбедносни причини, но тогаш ќе мора да докаже дека му е загрозена безбедноста.

Според турските судски процедури, најпрво ќе треба да биде утврдено дека Палевски за кого се бара екстрадицијата не е државјанин на Турција и дека делото не го извршил на нивна територија. Ќе се проверува и дали делото не е застарено, но и дека за истото не е предвидена амнестија според македонските закони. 

Според нивната процедура најпрво локален суд одлучува за самото апсење, а за екстрадиција кон Македонија одлучува висок Кривичен суд, таканаречен сериозен суд или суд за тешки кривични дела. Ако судот одобри екстрадиција има право на жалба. Во таков случај потоа одлука носи министерски совет. 

Оваа постапка може да потрае и до една година, дури и во случај на поедноставени постапки кои обично траат од два до четири месеци.