Македонија
3. January 2021 - 16:46

Колку брзо вакцините од Фајзер ќе стигнат во Македонија

По празниците министерот за здравство, според информации на Сител ќе преговара со неговите колеги од Грција и Полска колку вакцини против Ковид 19 од нивната набавка ќе отстапат за македонските граѓани. Договор засега има само со Бугарија, но без конкретни бројки на дозите кои треба да ги донира нашиот источен сосед. Јавноста не знае ни за количините од директното преговарање со Фајзер бидејќи од компанијата го замолиле Филипче да не кажува. Познато е само дека ќе биде следниот месец.

-Знаеме точно колку дози во јануари, колку во февруари, но не замолија да не објавуваме, изјави Венко Филипче.

Но на нашето денешно прашање до Министерството зошто други земји ги објавуваат бројките по договорите со Фајзер, добивме писмен одговор дека јавноста со детали за бројот на вакцините ќе биде информирана следните денови.

Министерството за здравство доби потврда од Фајзер дека првите дози вакцини ќе пристигнат во нашата земја во февруари, потоа ќе следува испорака на вакцини од овој производител во март и во април. Со детали во врска со бројот на вакцините јавноста ќе биде информирана во текот на следните денови.

-МЗ останува транспарентно и доколку има конкретни информации од произвидителите на вакцини со кои водиме директни преговори, или со земји членки на ЕУ, преку кои би добиле вакцини, јавноста ќе биде информирана, велат од МЗ.

За разлика од кај нас, забрана за објавување нема албанскиот премиер Рама кој изјави дека се договорил со Фајзер и кон крајот на месецот ќе добијат 10.750 вакцини, 30.250 во февруари и секој месец согласно договореното ќе стигнуваат пратки во Албанија.

Засега македонските здравствени власти немаат официјален одговор од Астра Зенека а не откриваат и дали преговараат со кинески производители на вакцини и со руската Спутник 5, за кои соседни земји веќе најавија дека ќе ги обезбедат за нивните граѓани. Но дека има преговори и со други производители потврди премиерот Заев кој уверува дека вакцинацијата кај нас ќе биде во исто време со регионот.

Министерството за здравство веднаш откако се укажа можноста за директни преговори со производители на вакцини против Ковид-19, стапи во контакт со произведувачи на вакцини како Фајзер и Астра Зенека. Водиме преговори и со други произведувачи кои се на пазарот. Првите сериозни количини вакцини кои може да направат реална промена на иминуолошки план ќе ги добиеме во исто време со останатите земји од регионот. Масовната вакцинација во Северна Македонија ќе се случува во исто време со земјите од регионот, вели Заев.

Првите вакцини ќе бидат наменети за здравствените работници, хронично болните и постарите од 65 години.