Колегите и пациентите бараат Јовев да остане директор на Кардиохирургија
Овации и аплаузи за разрешениот директор на Државната кардиохирургија. Професор Сашко Јовев со голема поддршка од пациенти и негови колеги од клиниката откако Фатмир Меџити одлучи дека реномираниот кардиохирург нема повеќе да раководи со установата.
Иван, Тина, Зоран и многу други граѓани кои поминале тешки операции и добиле втора шанса за живот зборуваат за нивниот херој и неговиот пожртвуван тим.
„Револтиран сум од непрофесионалноста на министерот кој сака да стави политички, а не стручни кадри, а од тоа зависи нашето здравје, велат пациенти.
Во оваа држава само успехот не се простува. Каква порака им оставаме на младите, праша доктор Јовев и уште еднаш упати апел до надлежните институции.
„Го повикувам министерот за здравство и Владата уште еднаш да ја преиспитаат одлуката за разрешување. Значи, повторувам тимот што победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна“, изјави проф. д-р Сашко Јовев кардиохирург.
„Решението за разрешување е навреда за здравиот разум на сите нас. Пишува дека дежурал во 2022 без одобрение на министер. Замислете да дојде итен случај и портирот да го врати велејќи му, дојдете утре немаме одобрение за денес“, изјави Мите Михајловски адвокат.
Дежурствата биле лани кога министер беше Беким Сали, но тој не го разреши Јовев. Сегашниот министер Меџити повторно не сакаше детално да каже која е причината.
„Правел злоупотреби, и секој што прави злоупотреби ќе биде разрешен. Контролите беа минатите денови, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Од Државниот санитарен и здравствен иснпекторат овој период не правеле вонреден надзор на државната кардиохирургија и немале такво барање од министерството.
Кој ги правел контролите Меџити ќе треба да каже на утрешниот брифинг што го закажа за медиумите. Инаку, Сашко Јовев е од првиот ден на државната кардиохирургија, го предводеше тимот за првата трансплантација на срце и добитник е на повеќе награди.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар