Колапси во автобуси и на улица - десеттина интервенции на Брза помош само во еден ден
Автобуси што застануваат поради патници на кои им се слошило, колапси на постојки и интервенции на Брзата помош на прометни улици. Високите температури и променливото време го зголемија бројот на итни повици. Само вчера екипите на Брзата помош интервенирале кај десетина случаи на граѓани кои колабирале на јавни места. Најпогодени биле повозрасните лица и дел биле транспортирани до ургентните центри.
„Колапс во јавен превоз, во автобус. Требаше од наша страна да се интервенира и да се третира. Некои бараа за понаамошно следење во болница, кај интернист, поради коморбидитетите ги носевме во болница. Кај некои поелсдно се интервенираше на лице место од страна на лекарите.“, изјави д-р Сејфула Адеми од Брза Помош Скопје.
Лекарите предупредуваат дека топлотниот бран може да предизвика сериозни здравствени последици и апелираат граѓаните да избегнуваат излегување во најтоплиот дел од денот и да побараат медицинска помош при појава на вртоглавица, слабост или губење на свеста.
„Особено сите тие што треба да бидат изложени на тие температури, да работат, да носат заштитна опрема, капа и лесна облека. Да се внимава и на исхраната да биде витаминска, калорична да не е со масти, алкохолот не се препорачува кога е топло, со кофеинот да не се претерува бидејќи тој тера до мокрење а тоа доведува до дехидратација.“, вели д-р Адеми.
Временските услови влијаат и кај невролошките состојби. Клиниката за Неврологија е полна со пациенти и како што велат лекарите има со мозочни удари, епилептични напади и мигренозни болки.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
