Македонија
15. September 2015 - 16:17

Која е Катица Јанева обвинителката која станува специјална?

Обвинителката Катица Јанева од јавното обвинителство во Гевгелија ќе ја извршува новата функција Специјален јавен обвинител. Со долгогодишно искуство, обемни обуки и добра репутација во правосудните кругови, Јанева ќе ја преземе улогата да ги расчисти сите афери поврзани со случајот Пуч и прислушуваните телефонски разговори.

До сега директно не работела на случаи од областа на организираниот криминал. Водела предмети кои не надминуваат казна затвор од 5 години. Сепак учествувала во бројни меѓународни обуки за борба против криминалот и корупцијата меѓу кои е и програмата Фалконе во Сицилија. Била дел од тимот едукатори за примена на новиот закон за кривична постапка.

Собранието ја избрало за заменик јавен обвинител во 2003та а минатата година биле избрана за обвинител во гевгелиското обвинителство.

Законот кој треба да ја регулира нејзинината работа и предвидува целосна независност и автономија.

Со мандат од 4 години и право на реизбор, посебниот закон гарантира дека никој нема да влијае на нејзината работа.

Специјалниот јавен обвинител ќе го избира и разрешува Советот на јавни обвинители откако претходно предлогот ќе биде одобрен од Собранието со дво третинско мнозинство и бадентер.

Јавниот обвинител има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Ниту еден јавен обвинител во Јавното Обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот Обвинител на Република Македонија, неможе да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од Јавниот Обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното Обвинителство.

Специјалниот обвинител ќе формира свој тим од обвинители, истражители и советници, но единствено тој ќе може да одлучува за покренувањето на обвинителен акт. Ќе има свои простории надвор од јавното обвинителство, своја администрација и сопствен буџет.

Рокот во кој ќе може да отпочне кривична постапка против некое лице е 18 месеци од стапувањето во сила на законот. Обвиненијата ќе може да ги застапува пред сите судови а неговиот вкупен мандат ќе изнесува 5 години со можност Собранието да го продолжува со дво третинско мнозинство.

Специјалчен јавен обвинител согласно законот ќе може да бидат постојните или пензионирани обвинители судии и адвокати со најмалку 8 годишно искуство или професори по право од правосудната област со најмалку 10 годишно искуство.

18 месеци по стапувањето во сила на законот ќе биде рокот во кој Специјалниот јавен обвинител ќе може да покрене постапки од случајот ПУЧ и содржината на прислушуваните разговори.