Кој ќе присуствува и за што ќе се зборува на лидерската средба утре?
Ден пред најавената лидерска средба се уште не е познат форматот и составот на партии. БЕСА се уште тактизира, од партијата велат дека утре еден час пред закажаната средба, лидерот Касами ќе одржи прес конференција на која ќе го соопшти ставот.
Засега Левица е единствената парламентарна партија која јасно кажа НЕ на поканата, со став дека за оваа тема, уставни измени партијата нема за што да разговара.
Поканата ја прифатија опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, но секоја од овие партии утре ќе оди со свои теми на интерес.
Мицкоски смета дека утрешната средба ќе биде одлична можност за лидерите да разговараат за реалните проблеми на граѓаните, а неговите барања се во насока на распишување предвремени избори. Темата уставни измени според најголемата опозициска партија се затворена тема, бидејќи без јасни гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање на Софија, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка за уставните измени.
Со свои барања оди и Алијанса. Од партијата сметаат дека отворањето на највисокиот правен акт ќе биде можност терминот „20%“ да се замени со албански јазик и негово издигнување како официјален заедно со македонскиот.
Во ваков формат пак власта очекува да постигне консензус за европската иднина на државата и да обезбеди поддршка за иземни на Уставот, со оглед дека до овој момент, СДСМ и ДУИ заедно со сите останати албански политички партии располагаат со 74 гласови, или 6 пратеници помалку од неопходното дво третинско мнозинство.
Покрај ова, власта утре пред парламентарите партии ќе го презентира и пакетот законски измени неопходни за заокружување на европската агенда, со цел да обезбеди поддршка за нивно донесување и од опозицијата.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар