Македонија
27. July 2022 - 16:48

Кој испрати забелешки за измените на Кривичниот законик?

Новиот кривичен законик го мина првиот филтер за оценка од јавноста. Изминаа 20те денови во кои предложената верзија беше поставена на електронскиот регистар на прописи каде заинтересираните можеа да дадат свои предлози за подобрување на законот. Според достапните коментари на ЕНЕР, физички лица имале забелешки за кривичното дело „тортура“ и тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Предлози за подобрување на законот имаат и меѓународни организации.

„Последниот ажуриран статус на ЕНЕР покажува дека досега аимаме добиено коментари од „Хелсиншкиот комитет“, од УНИЦЕФ, Еколошко здружение на граѓани „Фронт21/42“ и од две физички лица. Коментарите се однесуваат на повеќе членови од Кривичниот законик“, велат од Министерството за правда.

Кривичниот законик треба да ја ревидира целокупната казнена политика, издвојување на казните при злоупотреба на службена положба, конфискација на имот, еколошки криминал.

Се воведува и затворска казна за цензура врз новинар. Од шест месеци до пет години затвор ќе се казнува загрозување на медиумски работници и повреда на слободата на мислење и изразување.

Со новиот закон се предвидува и проширување на опфатот на говорот на омраза, каде сега покрај национална, расна и верска, како основа за говор на омраза се додаваат и пол, род, етничка, религиска припадноср, ментална, телесна попреченост, возраст или дискриминација по други основи.

Од правда велат дека оценката преку електронскиот регистар на прописи нема да биде единствена можноат за подобрување на предложениот законик. Предвидени биле и повеќе научни и јавни дебати, а коментарите добиени преку ЕНЕР, ќе ги рагледува работна група чија задача ќе биде нивно вметнување во новиот кривичен законик.