Македонија
22. September 2021 - 19:56

Кој е одговорен за ПП заштита во модуларната болница во Тетово - институциите си ја префрлаат одговорноста

21:02 само дел од објектот е во пламен, а веќе по три минути целата модуларна болница е зафатена од пожарот. Видеото од безбедносните камери сведочи за трагедијата во која живи изгореа 14 лица.. Две недели по несреќата, се уште непознати остануваат причините за пожарот во помошното инфективно одделение на тетовската клиничка болница.

Според документот објавен на страницата на локалната самоуправа во Тетово, должност да обезбеди противпожарна заштита за модуларната, имало раководството на болницата. Надзорот во изградбата и управувањето пак било обврска на општината и министерството за труд и социјала.

Премиерот Заев, одби да говори за податоците од планот за еколошки и социјален менаџмен на модуларниот објект – информациите биле медиумски написи.

Последните информации за текот на истрагата, Обвинителството ги објави пред 10 дена. Преку писмено соопштение наведе дека петмина обвинители ја собирале документацијата за модуларниот објект, ангажирале експерт за електротехника, а за расчистување на настанот ќе сослушувале и сведоци.

Портпаролот на тетовската болница, вели дека досега никој од вработените не бил повикан на распит во обвинителството.. Немале ниту информации за истрагата.

На причините за пожарот работи и тим од четворица германски експерти. Извештајот од нивниот еднодневен увид се очекува до крајот на месецот.

За пеколот низ кој поминале пациентите во тетовоскиот ковид центар, сведочат снимките кои ги преплавија интернет мрежите. Меѓу нив и видеото од надзорната камера на болницата од кое се гледа како со неверојатна брзина се проширил пожарот во објектот долг 40 а широк 14 метри.