Македонија
24. November 2021 - 16:57

Кој дозволил автобус без лиценца да ја помине државната граница?

Kако автобус без лиценца полн со патници излегол од земјата? Кој ќе одговара за тоа? Во моментов, прашањето за одговорноста за катастрофата која се случи на бугарскиот автопат се врти околу државниот инспекторат за транспорт и пред се, царинската управа.

Од здружението на транспортери Легис велат дека овие две институции имаат обрска да побараат извод од лиценцата која мора да ја поседува секој автобус во секој момент. 

Директорот на инспекторатот за транспорт вината ја префрла на царина.

Останаа јалови обидите на Сител да добиеме изјава од директорката на Царина, Славица Кутиров. Од таму пратија штуро соопштение во кое велат дека ќе извршат контрола.

„Од рано утрово Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин“, стои во соопштението. Од Царина велат за наодите од котролата, јавноста навреме ќе дознае.

Дали автобусот бил исправен? Министерот Спасовски вчера рече дека псоледен пат на технички поминал пред месец и половина. Законот налага задолжителна проверка на секои 6 месеци. Процесот се снима и Матеничарски вели дека никој не би се обидел да стави глава во торба пропуштајќи неисправен автобус, но што може да се случи од еден до друг преглед, е друго прашање.

Дали МВР ги побарало снимките од техничкиот преглед е прашање од интерес на истрагата и од таму не можат да одговорат. Истрагата која ја водат бугарските власти ќе треба да покаже и уште две работи специфични само за овој случај.