Македонија
19. August 2020 - 20:24

Кој доби министерско место во новиот владин кабинет?

ДУИ ќе го води министерството за надворешни работи и финансии, СДСМ останува во МВР и министерството за одбрана. Во пресрет на седниците на највисоките партиски тела, неофицијалните информации го цртаат изгледот на новиот владин состав.
Најблиску до Заев во новиот кабинет ќе седи Артан Груби за кој од ДУИ велат дека ќе биде и заменик премиер, функција која до сега не постоела во политичката организација и за која веројатно ќе бидат потребни законски измени.
Покрај него, како потпретседатели на Владата кружат имињата на Никола Димитров кој ќе биде задолжен за евроинтеграции и Фатмир Битиќи кој би ги координирал економските ресори, доколку на негово место не се најде Мила Царовска за која се уште не се знае дали ќе остане во Министерството за труд и социјала.
Оливер Спасовски веројатно ќе се врати во фотелјата во МВР, а старите позиции се очекува да ги задржат и Венко Филипче во здравство, Насер Нуредини во екологија и Крешник Бектеши во економија.
 Промени не се очекуваат ниту во министерството за одбрана каде би требало да остане Радмила Шеќеринска иако околу оваа позиција се шпекулира и со името на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Во таков случај, Шеќеринска се споменува и како можно решение во Министерството за образование.
Бујар Османи според се уште непотврдени информации би бил нов шеф на дипломатијата а Фатмир Бесими задолжен да ја чува државната каса во Министерството за финансии. БЕСА според коалициските калкулации треба да го добие Министерството за земјоделство каде како најсериозен кандидат се споменува генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа.
ДУИ треба да добие министер и во информатичко општество и администрација каде се шпекулира со името на поранешната заменичка од финансии Шириет Елези.
Раководителите на Министерствата за култура, локална самоуправа, правда, транспорт и врски и образование се уште не се познати и нивните имиња се очекува да бидат договорени на партиските состаноци вечерва.
Сите имиња кои деновиве кружат во медиумите треба да се земат со резерва бидејќи и во СДСМ и во ДУИ ниту ги потврдуваат, ниту демантираат.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, новата коалиција значи само продолжување на старите криминали на СДСМ и ДУИ.
Заев се очекува новиот мандат да го почне пред крајот на месецот. Тој вчера најави дека очекува полни 4 години на Илинденска.  Последен премиер кој бил на власт во полн мандат од 4 години со ист собраниски состав е Љубчо Ѓорѓиевски кој ја водеше владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 98 до 2002 година.