Македонија
19. May 2019 - 16:07

Кои се првите луѓе на претседателот?

Една недела откако седна во вилата Водно новиот претседател Стево Пендаровски веќе ги постави кадровските основи на неговиот кабинет. Генерален секретар на претседателската служба е досегашниот владин портпарол Миле Бошњаковски. Извори од кабинетот на Пендаровски за Сител откриваат и нови сигурни имиња кои ќе му служат на претседателот.

Професорот по вовод во право Александар Спасов ќе биде надворешен соработник за стручни, научни мислења и совети. Спасов беше надворешен советник и на премиерот Зоран Заев каде што работеше про боно, но кај Пендаровски ќе работи за надоместок.  Еден од посебните советници на Пендаровски ќе биде директорот на инсититутот Прогрес – Тоше Зафиров. Политикологот ќе се повлече од оваа функција и од други позиции што ги има. Зафиров ќе го советува Пендаровски за внатрешна политика. Односите со јавност на шефот на државата ќе ги води поранешната новинарка Катерина Цаневска.

Се очекува наскоро да се одржи и првата основачка седница на Националниот совет за безбедност со новите имиња предлжени од претседателот. Пендаровски лично ги води разговорите со оние кои би биле дел од неговиот кабинет.

Ќе има ревизија и на стариот кабиент. Генералниот секретар од времето на Иванов  - Борис Јосифовски веќе добил ново решение – државен советник во кабиент на пораншениот претседател. Наредната недела Пендаровски ќе побара вонредна финансиска контрола од Државниот завод за ревизија, а ќе повика и вонредна инспекција од Управниот инспекторат за документите, архивата и постапките од времето на Иванов.

Пендаровски ги има и првите државнички активности. Освен средбите со странски државници на денот на инаугурација, шефот на државата имаше и средба со евромабсадорот Жбогар, а пред неколку дена и со премиерот Зоран Заев. Иако вети отвореност, се уште нема договорена средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но од кабинетот на Пендаровски велат дека наскоро ќе има средби со сите политички субјекти.

Официјалната претседателска веб страница се уште не е активна, а Пендаровски за своите активности информира на Фејсбук страницата од времето на претседателската кампања.

Своја активност веќе имаше и првата дама. Сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска го отвори конгресот на Светската психијатриска организација посветен на деменцијата.