Македонија
28. March 2022 - 21:17

Кои личности ги договориле македонските и бугарските историчари?

Петков информираше дека историчарите постигнале значителен напредок во разговорите, воздржаност владее во македонскиот, но и во бугарскиот дел од Комисијата.

Во пресрет на новата рунда разговори в четврток и петок, двете страни избегнуваат да ја коментираат изјавата на Петков дека е постигнат договор за некои важни историски личности и нивниот третман во двете општества.

Од македонскиот тим за Сител велат дека јавноста в петок ќе дознае дали има суштински напредок, додека од бугарска страна ни рекоа дека не е јасно, што точно има предвид изјавата на Петков.

Доколку навистина нашле заеднички јазик, ова ќе биде прв пат по неколку години Комисијата да постигне напредок во работата. Во 2019-тата, бугарските и македонските исоричари постигнаа делумен консензус за Цар Самоил, но во последниот период заглавија на прашањето како тој ќе биде претставен во учебниците во основно образование.

Покрај за средновековниот цар, на самиот почеток на работата на Комисијата историчарите постигнаа делумен договор за Свети Наум, Свети Климент и светите браќа Кирил и Методиј. Детали не беа соопштени, но во предвид беше нивното заедничко чествување.

Најголема пречка кога станува збор за историските личности е револуционерот Гоце Делчев. Во последната година историчарите речиси и не успеваат да го стават ова прашање на дневен ред на средбите, иако на политичарите не им пречеше заеднички да го чествуваат без одлука на историската Комисија.

Токму третманот на историските личности беше е една од причините за несогласувања во македонскиот тим. Професорот Ванчо Ѓоргиев лани ја напушти работата на Комисијата, со  тврдењето дека без негова согласност е прифатена промена на учебникот по историја, а во делот кој се однесува за Самоил.

Ѓoрѓиев обвини и за силен политички притисок од врвот на МНР, но сето тоа подоцна беше демантирано од Министерството.

Работата и напредокот во мешовитата историска комисија е еден од условите за кревање на бугарското вето, а евентуален договор в петок, ќе ја потврди изјавата на Петков за зголемен оптимизам во целиот процес.